Пит и Џоли може да го повлечат барањето за развод

Холивудската актерска двојка Анџелина Џоли и Бред Пит, кои пред една година поднесоа документи за раскинување на бракот, може да ги повлечат овие судски барања и целосно да ја обноват врската, пишува списанието US Weekly, повикувајќи се на извори блиски на двојката.

„Парницата за развод е стопирана. Последните неколку месеци тие не сторија ништо за да го продолжат процесот, и според сѐ судејќи, тие не се трудат да го направат тоа“, рекол неименуваниот извор на магазинот.

Во мај US Weekly пишуваше дека Анџелина Џоли и Бред Пит тајно, без присуство на нивните деца, се сретнале. Беше истакнато дека врз затоплувањето на меѓусебните односи позитивно влијаело откажувањето на Пит од алкохолот. Според нивните пријатели, суспендирањето на бракоразводната парница може да значи дека двојката ќе направи чекори кон повторното приближување.

„Сите сметаат дека тие одново може да го започнат заедничкиот живот. Не би бил изненаден доколку изјават дека се повлекуваат од бракоразводната парница и да се обидат одново да се зближат“, го цитира весникот својот соговорник близок на актерската двојка.

Во септември 2016 година медиумите го објавија судското барање на Џоли за раскинување на бракот со Пит. Актерката во своето образложение до судот и наведе „непомирливите разлики меѓу сопружниците“. Џоли, исто така, бараше од судот да ѝ го додели старателството врз нивните шест деца. Подоцна беше објавено дека двојката се договорила околу старателството.

Џоли и Бред Пит се венчаа во 2014 година, но заедно се од 2004 година. Една година пред барањето за развод, играа во филмот „By the Sea“, толкувајќи гламурозна двојка на одмор во Франција додека нивниот брак е на работ.

Ова е втор брак на Пит, кој претходно беше венчан со исто така славната актерка Џенифер Анистон. За Џоли, пак, е трет брак, по Били Боб Тортон и Џони Ли Милер.