Пјонгјанг може да тестира хидрогенска бомба на Пацифик

Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо (photo by AFP)

Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо изјави во петокот дека смета оти неговата земја може да ја разгледа можноста да тестира хидрогенска бомба во Пацификот, пренесува јужнокорејската новинска агенција Yonhap.

Свернокорејскиот водач Ким Џонг-ун се закани во петокот со „највисокото ниво остри противмерки во историјата“ против САД како одговор на заканите од американскиот претседател Доналд Трамп со „тотално уништување“ доколку е потребно на Северна Кореја.

Изјавите на претседателот Трамп претставуваат „најжестоко објавување на војна во историјата“, истакна севернокорејскиот лидер во еден од ретките настапи во јавноста, констатирајќи дека споменатиот говор на челникот на САД во вторникот на Генералното собрание на Обединетите нации потврдува дека севернокорејската нуклеарна програма е на „исправниот пат“.

Американскиот претседател во меѓувреме дополнително подоцна најави и нови уште поостри санкции за и онака изолираниот комунистички севернокорејски режим.

Новинарите во Њујорк го запрашаа севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо, кој во петокот подоцна треба да одржи говор на Генералното собрание на ОН, што Ким Џонг-ун сакал да порача со заканата за „највисоко ниво на остри противмерки во историјата“.

Северна Кореја би можела да го разгледа тестирањето на хидрогенска бомба, одоговори Ри, додавајќи дека сепак не знае што точни мисли неговиот лидер.

„Немаме поим какви мерки би можеле да бидат преземени, бидејќи командата ќе ја издаде лидерот Ким Џонг-ун. Би можело тоа да биде најмоќната детонација на хидрогенска бомба на Пацификот“, изјави шефот на севернокорејската дипломатија.

Генералниот секретар на јапонската влада, Јошихиде Суга, предупреди во петокот во Токио дека изјавите и однесувањето на Северна Кораја се „апсолутно неприфатливи“ и дека претставуваат провокација за регионалната и меѓународната безбедност. Јапонскиот министер за одбрана, Ицунори Онодера, исто така, изјави дека изјавата на севернокорејскиот министер е целосно преприфатлива.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.