Пјонгјанг по Помпео го критикува и Болтон

Северна Кореја ги нарече во саботата „бесмислени“ повиците на советникиот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, оваа земја да покаже дека е сериозна во врска со откажувањето од својата нуклеарна програма, со што Пјонгјанг веќе вторпат последнава седмица критикува висок американски функционер вклучен во преговорите.

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е отворен и за трета средба на врвот со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, меѓутоа советникот за национална безбедност Џон Болтон во средата во разговорот за агенцијата Bloomberg News рече дека прво треба да постои „јасен доказ дека Северна Кореја донела стратешка одлука за откажување од нуклеарното вооружување“.

„Болтон, советникот на Белата куќа за национална безбедност, во разговорот за Bloomberg News се надмина самиот себеси изјавувајќи ја оваа бесмисленост. Поради истапот на Болтон се запрашав дали тое е последица од неразбирањето на намерите меѓу водечките американски и севернокорејски лидери или тој само се шегува. Севкупно, неговите зборови не се симпатични, а тој ми изгледа нејасен“, изјавила Чое Сон Хуи, заменичка на севернокорејскиот министер за надворешни работи, пренесе службената новинска агенција KCNA.

Севернокорејската дипломатка предупредува дека американското „расфрлање со вакви оцени без дискреција и смисла“, нема да донесат ништо добро.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео во петокот рече дека специјалниот претставник на САД за Северна Кореја ќе продолжи да работи со цел да се поситгне денуклеаризација на оваа земја, на којашто како што рече, севернокорејскиот челник се обврзал на самитот ланскиот јуни.

Севернокорејските медиуми во петокот објавија дека Пјонганг повеќе не сака американскиот државен секретар Мајк Помпео да учествува во нуклеарните преговори со Вашингтон, и оти посакува некој кој е „повнимателен и позрел во комуникацијата“.

Агенцијата KCNA, исто така, објави цитирајќи ја изјавата на Квон Џонг Гун, висок функционер во министерството за надворешни работи, дека „никој не може да ја предвиди“ ситуацијата на Корејскиот полуостров доколку САД не се откажат од „клучната причина“ поради којашто Пјонганг бил присилен да ја развива нуклеарната програма, без дополнителни поединости во изјавата.

„Се плашам дека атмосферата ќе биде лоша и дека разговорите повторно ќе заглават доколку Помпео продолжи да учествува во разговорите… Последично, во случај да дојде до можно продолжување на дијалогот со САД, се надевам дека наш колега нема да биде Помпео…, туку личност којашто ќе биде повнимателна и позрела во комуникацијата со нас“, рекол Квон кого го цитира KCNA.