Северна Кореја потврди во понеделникот дека успешно лансирала балистичка ракета со среден дострел со потврда на својата способност за наведување на нуклеарни боеви глави, со што сака да го демонстрира натамошното напредување во амбициите да создаде проектили коишто може да достигнат цели на американска територија.
Севернокорејската службена новинска агенција KCNA објави дека комунистичкиот челник Ким Џонг-ун лично го надгледувал тестирањето на ракетата од типот „Пикгуксонг-2“.
Ракетата е лансирана во неделата и прелетала околу 500 километри и паднала во водите пред севернокорејскиот брег.
„Денес американското копно и оперативното подрачје на Тихиот Океан се во дострелот на Демократска Народна Република Кореја и ДНРК располага со сите средства за разорен одмазднички удар“, објави агенцијата KCNA во својот коментар во саботата.
Агенцијата во понеделникот, пак, објави дека најновиот тест следел по минатонеделното тестирање на ракета којашто овозможува Хаваи и Алјаска да бидат во нивниот дострел.
Северна Кореја се оглушува на сите апели да ги запре своите нуклеарни и ракетни програми, дури и оние кои доаѓаат од нејзината единствена сојузничка Кина, наведувајќи дека нуклеарното оружје е потребно за легитимна самоодбрана. Пјонгјанг не крие дека развива технологија којашто може да ги достигне САД.
Пред една седмица Пјонгјанг тестираше ракета со среден дострел којашто според стручњаците покажа дека земјата напредувала во развојот на балистичката технологија.
Во областа на Пунгчанг минатиот месец неуспешно беше тестирана друга ракета. Но на 14 мај беше лансирана балистичката ракета со среден дострел од модификацијата „Хвансон-12“, којашто прелета 787 километри и падна во Јапонското Море. На 6 март беа лансирани четири балистички ракети, при што една падна рекордно блиску до територијата на Јапонија, на 200 километри северозападно од полуостровот Ното, во префектурата Исикава.
Советот за безбедност при Обединетите нации во вторник ќе одржи итен состанок посветен на Северна Кореја, а состанокот е свикан на барање на САД, Јапонија и Јужна Кореја.
По последното лансирање во неделата, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон оцени дека честите тестирања од страна на Северна Кореја со проектили се „разочарувачки“ и „загрижувачки“, истакнувајќи дека сепак американската кампања на економски и дипломатски притисок „е само на почетокот“. „Овие тестови кои продолжуваат, се разочарувачки и загрижувачки, и бараме да бидат прекинати“, изјави Тилерсон за американската телевизиска мрежа Fox News.