Свет

северна кореја ги отфрла казните од меѓународната заедница Пјонгјанг: Санкциите на ОН се воен чин

Пјонгјанг: Санкциите на ОН се воен чин

Последните санкции коишто Обединетите нации ги објавија против Северна Кореја, претставуваа чин на војна, објави во неделата севернокорејското министерство за надворешни работи преку службената новинска агенција KCNA.

„Целосно ги отфрламе последните санкции на ОН како насилен напад врз сувереноста на нашата република и чин на војна кој ќе го уништи мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и на регионот“, го цитира агенцијата соопштението на севернокорејската дипломатија.

Советот за безбедност на ОН во петокот едногласно воведе нови санкции за Северна Кореја со кој се забранува извозот во оваа држава на околу 90 отсто од нафтените производи, а извозот на сирова нафта се ограничува на милион барели годишно. Наредено е, исто така, и враќање на државјаните на Северна Кореја во земјата коишто работата во странство во рок од 12 месеци.

„САД, целосно заплашени од нашите историски остварувања на државна нуклеарна сила, сѐ повеќе се избезумени во постапките со коишто ни носат најстроги санкции и вршат притисок врз нашата земја“, се вели во соопштението на министерството за надворешни работи на северна Кореја.

„Ние и натаму ќе ја јакнеме нашата одбранбена моќ на заплашување чијашто цел е искоренување на американската нуклеарна закана, уцени и непријателски постапки со воспоставување на практична рамнотежа на силите со САД“, порачува Пјонгјанг.

„Ние ја дефинираме оваа ‘резолуција за санкциите’ којашто ја покренаа САД и нивните следбеници, како тешко кршење на суверенитетот на нашата република и како чин на војна со кој се напаѓаат мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и во регионот, и оттаму категорички ја отфрламе“, се додава во соопштението.

Северна Кореја, исто така, ги предупредува сите оние кои гласале за резолуцијата дека ќе се соочат со гневот на официјален Пјонгјанг.

„Оние земји коишто подигнале рака за резолуцијата за санкциите целосно се одговорни за сите последици коишто ќе ги предизвика оваа резолуција и ние гарантираме засекогаш дека ќе платат висока цена за тоа што го сторија“, се заканува севернокорејското министерство за надворешни работи.