Пјонгјанг „внимателно разгледува“ план за напад врз Гуам

Лансирање на балистичкиот проектил „Хвасонг-12“/© KCNA via REUTERS

Северна Кореја објави во средата дека „внимателно разгледува“ план за ракетен напад во близина на американската пацифичка територија Гуам, само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп му вети на Пјонгјанг „оган и гнев“ доколку продолжи да им се заканува на САД.

Портпаролот на севернокорејската армија, во соопштение коешто го пренесе службената новинска агенција KCNA, изјавил дека нападот ќе биде извршен во секој момент откако водачот Ком Џонг-ун ја донесе одлуката.

Северна Кореја воопшто не ги крие своите планови за развивање нуклеарни ракети коишто ќе бидат способени да ја достигнат територијата на САД и ги игнорира меѓународните повици да ги запре своите нуклеарни и ракетни програми.

Пјонгјанг „во моментов внимателно ги разгледува планот за отворање оган во областа околу Гуам со стратешка балистичка ракета со среден до долг дострел од типот ’Хвасонг-12’“, пренесе KCNA. Планот наскоро ќе биде претставен пред Врховната команда, рекол портпаролот но не навел датум.

Во понеделникот два американски стратешки бомбардери од типот „B-1“ полетаа од Гуам и го надлетуваа Корејскиот полуостров како дел од „постојаното пристуство“, изјави за Reuters американски функционер, што зборува за стратешката важност на Гуам.

На тихоокеанскиот остров Гуам се наоѓа американската воздухопловна база „Андерсон“ во којашто се стационирани стратешките бомбардери од типот „B-52“.

Советот за безбедност при ОН на 5 август едногласно ја донесе резолуцијата 2371, засилувајќи ги санкциите против Северна Кореја како одговор на нејзините тестирања на балистичките ракети со долг дострел од јули. Со нив се предвидува забрана на извоз од Северна Кореја на редица минерали и руди, како јаглен, железо, олово, како и морска храна. Исто така, се вклучени и конкретни мерки против поединци и компании кои се вклучени во нуклеарните и ракетни програми на Пјонгјанг.

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторниот ја заостри реториката против Пјонгјанг, и покрај тоа што за тоа беше прекорен од влијателниот републикански сенатор Џон Меккејн, кој инаку важи како еден од највоинствените републиканци. Трамп рече дека Северна Кореја ќе се соочи „со оган и гнев какви што светот не видел“, доколку продолжи да им се заканува на САД.

„На Северна Кореја ќе ѝ биде подобро повеќе да не им се заканува на САД. Ќе ги снајдат оган и гнев“, порача Трамп од одморот кој го минува во Бедминстер и вети „голема реакција којашто досега светот не ја има видено“.

Неговата реакција следеше откако весникот The Washington Post објави тајни заклучоци на американските разузнавачки служби дека Северна Кореја успеала доволно да ја смали нуклеарната боева глава за да ја смести во една од своите интерконтинентални ракети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.