Планот на ВМРО-ДПМНЕ обезбедува ЕУ интеграција и заштита на национални интереси

Вчера се одржа лидерска средба помеѓу претседателите на најголемите македoнски политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски. Сите се согласуваат дека средби од ваков тип, посебно за важни прашања, треба да бидат редовна пракса на македонското политичко делување. Она што остави најсилен и позитивен впечаток од целиот овој настан е тоа дека власта нема две третини за уставни измени и тоа дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од позиција на опозиција понуди сериозен и кокретен план, кој обезбедува интеграција во Европската Унија, а од друга страна што е најважно и заштита на македонските национални интереси.

Мицкоски вчера имаше конкретни предлози, но покажа конструктивност и разбирање на предлозите кои доаѓаа од премиерот Ковачевски, исто така и одлучност дека кога станува збор за иднината на Македонија треба да се најде заеднички јазик и со најголемиот политички ривал. Мицкоски, со исклучително највисок рејтинг на политичката сцена и кој зад себе има една од најголемите победи издејствувани на локално ниво од позиција на опозиција, на локалните избори во 2021 година освојувајќи над 40 општини, се надмина себе си и отиде на средба со премиер и претседател на партија кој нема изборен легитимитет. Еден од предлозите во планот за ЕУ интеграција кој вчера Мицкоски го предложи и јавно пред македонската јавност го образложи, е учество во една широка влада, но без министри од ДУИ, а, уставните измени кои би се изгласале да важат од денот кога ќе започне ратификацијата во парламентите на земјите-членки на ЕУ.

„ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во Влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество во истата Влада на Демократската унија за интеграција. ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во истата со тоа што избори подготвува техничка Влада, не оваа Влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот Протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“, рече Мицкоски на прес конференција после изјавата, додавајќи дека тоа Ковачевски го протолкувал како кршење на преговарачката рамка.

Нејасно е зошто за Ковачевски ова претставува кршење на преговарачката рамка. Тоа не е кршење, туку ќе треба да се издејствува нејзината корекција. Тоа не е невозможно, бидејќи рамката не е никаква света книга која не може да се промени.
Мицкоски уште поодлучно и подржавнички до Ковачевски даде предлог, бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема ништо против македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, се понуди тој лично да разговара со неколку премиери на земји членки на ЕУ на следниот состанок на Европскиот Совет, да изгласаат потврда и гаранција, имајќи во предвид дека сега и Бугарија има легитимна влада избрана од Националниот парламент.

„И со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани и да кажеме еве овој пат Европа застанува зад многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, македонски посебен јазик и дека овој пат конечно Европа има чиста и јасна цел пред себе, Македонија да биде дел од европското семејство.
Потоа да побараме од страна на претседателот на Европската Комисија определен економски пакет за македонските граѓани и за бизнисот да го подготвиме во процесот на преговори затоа што тој мора да биде конкурентен на европскиот пазар, да може да ги задржи луѓето тука, бидејќи миграцијата и иселувањето е големо“, рече Мицкоски.
И третата точка од планот за ЕУ интеграција предложен од Мицкоски се добрососедските односи, кои се двонасочна улица и не само ние да бидеме добри соседи, тоа треба да го прават и да го покажуваат и соседните држави. А, конкретно Република Бугарија, тоа ќе може да го покаже со почитување на правата на Македонците таму, со тоа што барем три од вкупно шест пресуди од Судот за човекови права во Стразбур за кои од Советот на министри при Советот на Европа кон Бугарија има ултиматум дека ќе следат санкции, ако да ги примени.

Предложениот план на Мицкоски за интеграција на Македонија во Европската Унија е решение кои нуди интеграција со заштитени национални интереси. Тој е државнички потег преку кој е претставена грижата за достоинствена иднина на државата и нејзините граѓани. Вака се брани интересот на државата, достоинството на граѓаните и се обезбедува подобра иднина за сите.
Мицкоски покажа огромен државнички капацитет, досега невиден на македонската политичка сцена и неспоредлив со раководството кое што во моментов раководи со Македонија.