Пласидо Доминго се извини на жените кои го обвинија за сексуално вознемирување

Пласидо Доминго се извини „за нанесената болка“ на неколку жени кои го обвинија за сексуално вознемирување.

Оперската ѕвезда даде оставка на позицијата генерален директор на Операта на Лос Анџелес откако неколку жени излегоа со обвиненија.

Сега вкупно 20 жени го обвинуваат Доминго за сексуално вознемирување и недолично однесување, обвиненија кои тој ги негира.

„Го почитувам тоа што овие жени се чувствуваат слободни да го кажат своето мислење“, стои во изјавата на Доминго.

„Сакам да знаат дека навистина ми е жал за нанесената болка. Преземам целосна одговорност за моите постапки и кажувам дека созреав низ ова искуство.“

Изјавата следеше откако беше отворена истрага за Доминго што ја покрена американски синдикат кој застапува оперски изведувачи.

Истрагата покажа дека Доминго „покажал недолично однесување, од флертување до сексуални предлози, на работното место и надвор од него“.

Обвиненијата што беа поденсени лани во август се однесуваат на дела што датираат од 80-тите години па наваму и во нив се наведува дека Доминго често ги принудувал жените на сексуални односи, а понекогаш и професионално ги казнувал оние кои го одбивале.

Во неговата изјава Доминго вели дека ги искористил изминативе неколку месеци да размисли за обвиненијата на некои негови колешки.

„Сега сфаќам дека некои жени можеби стравувале да бидат искрени со мене, загрижени дека тоа би можело негативно да се одрази на нивните кариери. Иако тоа никогаш не била мојата намера, сметам дека никој никога не треба да се почувствува така.“

Доминго (79) е во брак со втората сопруга, сопранот Марта Орнелас, од 1962 година.