ПЛАТА – во високото образование!?

Се сеќавам, некаде во времето пред распаѓањето на Југословенската федерација, за претседател на тогашниот Сојузен извршен совет (што во денешна смисла е еднакво на влада) беше избран господинот (тогаш другар) Анте Марковиќ. Во услови на прилично подзападната економија прво што започна беше посета на Републичките извршни совети (односно, влади на тогашните републики), со цел подетално снимање на состојбите во економијата по републиките. Во таа смисла го посети и Извршниот совет на Република Македонија со кого раководеше тогашниот претседател м-р Глигорие Гоговски. На средбата, сигурно нашироко се разговарало за состојбата во економијата и политиката како во контекст на ниво на Република Македонија, така во контекст на Сојузно ниво.

При давањето на изјавите кон крајот на посетата клучна беше изјавата на Анте Марковиќ дека му препорачал на господинот Глигорие Гоговски платите на универзитетските професори да ги зголеми од околу 300 тогашни германски марки на околу 1.000 германски марки, со цел да се направи дистингција во степените на образованието од една страна, а уште повеќе низ развојот на науката и технологиите да се покрене економскиот развој на Република Македонија како единица во состав и целата федерална држава. Тоа навистина се случи, платите беа зголемени и имаше ефекти во разни сфери од економијата (без разлика што се случи потоа со федерацијата поради класичните вечни политичари и самопрогласени вождови).

Простете, воведот беше релативно долг, но и соодветно важен, бидејќи сите земји кои вложуваат во наука и технологии се одликуваат со стабилна и напредна економија и технологии.

Моментно Република Македонија неможе многу да се пофали на овој план. Зошто? Затоа што и покрај залагањата платите на универзитетските професори (највисоките звања) над една деценија се закатанчени на околу 30.000 денари односно околу 500 евра. Бројот на проекти (научни или апликативни, сеедно) е сведен на минимум кој се движи кон нула, така што универзитетскиот професор е изедначен со платата на еколошки оператор (односно хигиеничар) кој работи во банкарските, телекомуникациските институции, разни невладини институции и сл. Ова особено важи за научните работници во фундаменталните, техничките и биомедицинските науки, односно оние од каде што треба да биде покренат економскиот и техничко-технолошкиот развој (овде веднаш некој ќе коментира како некои професори на правен, економски факултет или на приватните факултети заработуваат плата од по неколку илјади евра). Во ред, тие во контекстот на бизнис ориентираното образование успеваат да наплатат барем толку колку што во нашите македонски услови треба да биде платаен еден професор, токму поради маката што ја видел додека стигнал до тоа ниво. Но, за жал (иако се дотерани во бизнис-ситуација) тоа неможе да го постигнат наставниците во фундаменталните и техничко-технолошките науки. Затоа, државата мора да преземе мерки за регулирање на ова прашање за да може да се покрене економскиот развој како што личи и што би било во согласност со Европа кон која се стремиме.

Искуствата во поодделните држави во светот се такви што платите во одредена дејност (пример во текстилната индустрија, во машинската индустрија, во образованието и тн.) по работник во целата држава се исти или со евентуални минимални отстапувања. Секаде еколошкиот оператор е еколошки оператор и заработувачката е соодветна на нивото на образованието. Таму во универзитетските кругови, универзитетскиот професор скоро без исклучок, зема најмалку пет пати поголема основна плата од оние со пониско образование. (Исклучок се само мал број условно речено недоволно писмени, но талентирани уметници или спортисти).

Кај нас што се прави?

Заради некои колективни договори со синдикатот (од соодносот 1:5) еколошкиот оператор (хигиеничар) и универзитетскиот професор дојдоа до сооднос 1:25 со тенденција кон 1:2 бидејќи помлад професор (и покрај тоа што додека се школувал трошел наместо да заработува, надевајќи се дека со повисокото образование еден ден ќе надокнади во сопствениот живот и посеопфатно ќе придонесе за развој на општеството и државата) и повозрасен еколошки оператор, во условно речено посиромашна фирма, скоро да се изедначуваат. Бидејќи, еколошкиот оператор реално ефективно работи само 1-2 часа (секоја чест за вистински вредните) од работното време, а професорот законски мора да одржи часови (студентите го чекаат, нема бегање), мора да пишува научни трудови и книги (бидејќи законот го обврзува), мора да пишува рецензии, извештаи, експертизи, да учествува во разни комисии и тн. тој мора да работи и дома и ноќе (најмалку над 10 часа во денот). Така гледано еколошкиот оператор за своите 1-2 ефективни работни часа заработува релативно повеќе од професорот. Дали е тоа мотивација за некој да стане професор? Каде ќе биде нашата наука, како ќе се ефектуираат новите инструменти во лабораториите, каде ќе стигне нашето образование.

Возвишени се зборовите знаењето е сила, знаењето е моќ, затоа крајно време е за интервенција во правец на реално и правично регулирање на платите на универзитетските професори. Не е логично во иста држава, на државни универзитети да има различни плати, па дури и на ист универзитет, каде професори со исто звање да имаат по неколку пати различна заработувачка. Време е за посоодветна мотивација за сите. Време е да се мотивира и искористи нивното знаење и нивната моќ во прилог на економскиот развој, во прилог на општеството, во прилог на народот македонски и на Македонија.

Автор: проф. д-р Благоја Маркоски