„Платформа 2020“ за соработка меѓу образованието и приватниот сектор

Во просториите на СЕТУ „Михајло Пупин“ во Скопје беше потпишан меморандум за соработка меѓу ова училиште и едни од водечките македонски компании. На веќе започната иницијатива од ЕВН се приклучија уште пет други компании кои со потпишување на „Платформа 2020“ ја официјализираа соработката со ова училиште што ќе придонесе за унапредување на квалитетот на учењето преку работа.

Целта на ова партнерство е да се зголеми вклученоста на приватниот сектор во промовирање на средното стручно образование во земјата. Тоа значи дека во иднина приватниот сектор ќе биде инволвиран во создавањето на наставните програми според барањата на пазарот и директно ќе ја поддржува практичната настава и феријалната пракса во компаниите. Преку ваквата размена на искуства меѓу образовните институции и приватниот сектор се постигнува создавање на квалитетни кадри, образувани според европски стандарди. Придобивките од овој начин на соработка се обострани. Шансите за вработување во иднина значително се зголемуваат кај учениците, а компаниите добиваат високо квалитетни кадри, кои се веднаш подготвени да се вклучат во работниот процес.

ЕВН, овој начин на поддршка на образованието го започна овој проект преку кој веќе две генерации ученици следат настава во посебна ЕВН паралелка и посетуваат практикантска работа во компанијата. На најдобрите од нив по завршувањето на средното образование, ЕВН им нуди можност за вработување и градење на кариера во компанијата.