Платини се огласи по вестите за неговото апсење

Поранешниот челник на европската фудбалска асоцијација УЕФА, некогашната француска играчка ѕвезда Мишел Платини, излезе со официјален став во врска со информациите од вторникот дека е уапсен.

Француското издание Mediapart  соопшти дека 63-годишниот поранешен фудбалер бил уапсен од страна на француските власти под сомневање за корупција покрај изборот на Катар за домаќин на Светското првенство во 2022 година, Подоцна, сепак, истражните органи прецизираа дека Платини не е уапсен, туку само бил повикан да сведочи во врска со истрагата.

„Откако пред една година сведочеше пред судот по истата истрага, Мишел Платини одговори на прашања и сега. Неговиот адвокат г-дин Вилијам Бурдон категорично истакна дека не станува збор за никаков притвор, туку за обично сослушување на сведок на инсистирање на луѓето кои ја водат истрагата. Ова е стандардна процедура. Мишел Платини одговори на сите прашања, вклучувајќи ги и оние за условите по кои бил определен домаќинот на ЕП 2016, откако даде целосни објаснувања. Тој нема што да се грижи и тврди дека нема врска со нешта, кои не зависат од него. Тој е потполно смирен за иднината“, се вели во официјалната изјава, која неговите соработници ја испратиле до медиумите.

Поранешниот репрезентативец на Франција беше на чело на европската фудбалска централа од 2007 до 2015 година, кога беше исфрлен на инсистирање на етичката комисија. Против него имаше обвинение и за тоа дека добил нерегулиран хонорар од 2 милиони долари од поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.