Платите во Македонија се најниски и најмалку растат во споредба со земјите од регионот

Согласно податоците на Државниот завод за статистика, нето платите во Република Македонија за периодот јануари – ноември 2019 година забележаа раст од скромни 3,8%. Доколку направиме споредба со земјите во регионот, ќе забележиме дека стапката на раст во нашата земја е најниска во регионот. Како што е презентирано на графиконот, стапката на раст на платите во Србија за периодот јануари-ноември 2019 година изнесува цели 10%, а во Бугарија и повеќе од 10%. Платите растат со најсилно темпо во Романија.

Македонија има најниска просечна плата во споредба со другите земји од регионот. Најновите статистички податоци покажаа дека просечната плата во последните три месеци од минатата година изнесува 419 евра, додека највисоки просечни плати во регионот се евидентирани во Словенија и во Хрватска. Македонија, Србија и Босна и Херцеговина имале најниски просечни плати.
Според словенечкиот Завод за статистика, просечната нето-плата во таа земја изнесувала 1.114 евра, јави Анадолија. Во исто време, тоа е единствената плата во земјите од регионот која го надминува прагот од 1.000 евра. Просечната плата во Словенија е двојно поголема од просечните примања во речиси сите земји од балканскиот регион, исклучувајќи ја Хрватска во која просечните месечни примања се движат околу 900 евра. По Словенија следува Хрватска, исто така членка на ЕУ, каде просечната плата била 864 евра. Следува Црна Гора, каде што според официјалните податоци на Заводот за статистика на Црна Гора – Монстрата, просечната заработувачка без данок изнесувала 517 евра. Во БиХ просечната исплатена месечна нето-плата изнесувала 925 конвертибилни марки (472 евра), а во Србија 54.115 динари или 460 евра.