Платите во Унгарија пораснаа за време на кризата со коронавирусот? Можно е, а еве и зошто

Во мај, бруто-платaта во Унгарија се зголеми за 9,4% во однос на минатата година, и покрај високата невработеност и долготрајното економско забавување предизвикано од коронавирусот.

Сепак, објавените зголемувања на просечната плата што ги карактеризираат повеќето сектори на економијата може да создаде погрешна претстава.

Анализата на методологијата што ја користи Централното биро за статистика (ЦБС) може да објасни зошто, пишува „Хангари тудеј“.
Бруто-платата се зголеми на 398.800 форинти (1.160 евра) со платите во приватниот сектор кои стигнале до 409.800 форинти во мај, соопшти во петокот ЦБС. Со оглед на инфлацијата, овие бројки укажуваат на реален раст на платите од 5,1% во однос на претходната година.

Забележително е и тоа што бруто-платите се зголемиле за скоро 4% меѓу февруари и мај, во временската рамка кога земјата претежно се наоѓаше под строг полициски час за да се спречи ширењето на коронавирусот. Овие бројки може да бидат изненадувачки, имајќи предвид дека тие доаѓаат во услови на влошување на невработеноста и економската криза предизвикана од пандемијата. Како и да е, подеталниот преглед на методологијата што ја користи ЦБС може да ги разјасни причините за овие номинални зголемувања.

Прво, броевите што ги открива бирото за статистика се просечни, а не средни вредности. Тоа значи дека огромното мнозинство на работници всушност заработуваат помалку од официјалната просечна плата. Всушност, според претходната студија на левичарската институција „Полиси аџенда“, околу 77% од работниците заработиле помалку од официјалната просечна плата во 2018 година.

Критика за користење просечна наместо средна вредност е дека дозволува одредено нарушување од страна на екстремно висоkite плати заработени од носители на раководни позиции – според тоа, не ги одразува реалните приходи на повеќето работници.
Второ, податоците што ги користи ЦБС ги мерат само платите на оние што работат во компанија што вработува пет или повеќе лица. Тоа резултира во исклучување на оние кои работат за микро претпријатија, со заработка на пониски просечни плати од нивната анализа.

Многу е веројатно дека вклучувањето на овие податоци значително би ги намалило пријавените броеви. Друга група чиј приход не се анализира е работниците со скратено работно време. ЦБС користи само податоци што ги рефлектираат платите на работниците со полно работно време. Бидејќи кризата со коронавирусот резултираше со раскинување на бројни договори со скратено работно време и несразмерно влијаеше врз работниците со скратено работно време, студија која не ги одразува платите на оваа група може да доведе фо погрешен заклучок.

Трето, кризата со коронавирусот доведе до отпуштање на илјадници неквалификувани или ниско квалификувани работници чии ниски плати повеќе не се одразуваат во статистиката – бидејќи овие луѓе сега се меѓу невработените. Бидејќи поголемиот дел од отпуштените во последните месеци го претставуваат долниот крај на платниот спектар, зголемувањето на просечната плата може барем делумно да се објасни со исклучување на нивните податоци од пресметките. Овој проблем нагласува дека пријавените зголемувања може да бидат одраз на социјален проблем наместо причина за оптимизам.

Додека бројките објавени од Централното биро за статистика овозможуваат одреден степен на оптимизам, разбирањето на методологијата што ја користи институцијата овозможува подлабоко и пореално разбирање на статистиката.