20.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Племе од Амазон со стрела убило владин службеник

Службеник на владата и водечки експерт за изолирани племиња во Амазон бил убиен од стрела што го погодила во градите, откако се приближил до племенската група што сакал да ја заштити, пренесува Ројтерс.

Риели Францискато (56) ја поминал целата своја кариера како службеник во државната агенција за племенски заедници во Фунаи, каде што работел на воспоставување резерви за заштита на племињата кои немаат контакт со надворешниот свет.

Оваа среда, кога се приближувал кон племенската заедница што живее во близина на резерватот Уру Еу Ва Ва на границата со Боливија, тој бил погоден со стрела.

„Тој крикна, ја извлече стрелата од градите, истрча 50 метри и падна мртов“, изјави полицаецот кој ја следел експедицијата во аудио-снимката објавена на социјалните мрежи.

Невладината организација Канинде, чиј ко-основач е Францискато во 80-тите години на минатиот век, рече дека племенските заедници не ги разликуваат пријателите од непријателите од надворешниот свет.

Неговата смрт се случи во време кога домородните заедници во Бразил се особено ранливи поради илегалните дрвокрадци и рударите на злато кои се охрабрени од политиката на десничарскиот претседател Жаир Болсонар, насочена кон развој на Амазон и намалување на резервите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.