Пленковиќ: Хрватска е за натамошен развој на билатералната соработка со Црна Гора

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во разговор со црногорскиот министер за надворешни работи Ранко Кривокапиќ изјави дека Хрватска е заинтересирана за натамошен развој на билатералната соработка со Црна Гора како близок сосед и НАТО сојузник.

„Зачувувањето на стабилноста во регионот на Западен Балкан е во интерес на двете земји, особено во услови на континуирана руска агресија во Украина“, соопшти владината прес-служба по средбата во Загреб.

Пленковиќ, се додава, повторил дека Хрватска ќе продолжи силно да го поддржува европскиот пат на Црна Гора и да ги пренесува своите искуства од интеграцискиот процес.

Во соопштението се наведува дека Пленковиќ и Кривокапиќ, кој е во официјална посета на Хрватска, го изразиле своето задоволство од заедничкото откривање на спомен плочата на Вис на високиот офицер на поранешната ЈНА, црногорскиот адмирал Владимир Баровиќ, кој за време на агресијата против Хрватска одби да учествува во нападите врз хрватските крајбрежни градови.

Црногорските и хрватските власти вчера во Самогор на Вис открија спомен плоча на Баровиќ, кој се самоуби во септември 1991 година, откако како командант на Петтиот воено-поморски сектор во Пула, одби да нареди гранатирање на хрватските градови.