Пленковиќ им се заблагодари на сите членки на ЕУ што го потврдија влезот на Хрватска во Шенген

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа им се заблагодари на сите членки на ЕУ за едногласната поддршка за влезот на Хрватска во Шенген зоната во „годината на испорачување“ во која владата ги постигна сите поставени цели за доброто на граѓаните.

На прес-конференцијата по средбата во Брисел на која Хрватска беше потврдена како 27-ма членка на Шенген зоната, Пленковиќ ја пофали Владата и сите соработници кои работеа на исполнување на 281 критериум и преземање на сите осум поглавја од шенгенските начела.

„Голема година на испорачување“, рече тој и ги наведе успесите на неговата влада постигнати во 2022 година – од отворањето на Пељешкиот мост, кој ја обединува хрватската територија со мостот преку тесниот појас на Босна и Херцеговина, до влезот на Хрватска во еврозоната, која, како и членството во Шенген, ќе стапат во сила на 1 јануари во 2023 година.

Влегувајќи во две подлабоки интеграции, „единствените две преостанати на ниво на Европската Унија, ги остваруваме во десеттата година од членството, токму онака како што планиравме“, рече хрватскиот премиер.

– Не ми е познато дека некоја друга земја вле гла во еврозоната и Шенген во ист ден, потенцираше тој.

Со влегување во Шенген зоната без гранични контроли, ќе им ги овозможиме на граѓаните и на економијата „сите слободи што ги уживаат сите други членки на Шенген“, рече тој.

Тој ја илустрираше важноста на Шенген со податоците дека Хрватска остварува 80 отсто од својата трговија со членките на Шенген зоната, а 75 отсто од туристите кои пристигнуваат во Хрватска се од членки на Шенген зоната, главно со автомобили, а нивното пристигнување без гранични контроли ќе биде „побрзо, полесно и поедноставно“.

Превозниците беа меѓу првите кои му честитаа на министерот за транспорт Олег Бутковиќ и „му се заблагодарија бидејќи тоа го менува начинот на работа“ и го олеснува преминувањето на границите, рече понатаму премиерот. Тој им се заблагодари на релевантните министри, односно на целата влада, на сите колеги, на полицијата и на сите кои придонесоа во процесот.

Тој посебно и се заблагодари на Словенија „што го поддржа“ влезот на Хрватска во Шенген.

Словенија вчера го поддржа влезот на Хрватска во Шенген и приложи изјава за записник според која меѓусебната граница е конечно одредена со арбитража, но Хрватска веднаш одговори со своја изјава дека границата допрва треба да се одреди, а двете изјави влегоа во записникот.