Пленковиќ најави помал број министерства и општини

24

Мандатарот за состав на новата влада и до неодамна премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ најави помал број министерства, но и намалување на бројот на општините и локалните власти.

– Новата влада ќе има четворица потпретседатели. Двајцата нови потпретседатели се Томо Медведев и Борис Милошевиќ. Според новата структура, ќе има вкупно 16 министерства, што е намалување за четири, изјави Пленковиќ за „Нови лист”.

Како што појасни, ќе се спојат министерствата за правда и администрација, градежништво и државен имот. На Министерството за труд и пензиски систем ќе му се додаде и секторот за социјална политика. Ќе има и ново министерство за туризам и спорт, а во Министерството за економија и одржлив развој ќе биде секторот за енергетика и климатски промени.

– Во првиот чекор, ова намалување на бројот на министерства значи помал број министри, што ќе ми го олесни управувањето со владата и комуницирањето со одделни министри. Така ќе можам да посветам поголемо внимание на секој од одделите, рече Пленковиќ.

Тој исто така најави  дека во новиот мандат планира да го преполови бројот на локалните власти со укинување на позициите заменици-градоначалници, градоначалници и жупани, пренесува Н1 Загреб.

– Тоа ќе донесе годишна заштеда од најмалку 100 милиони куни (13 милиони евра), рече Пленковиќ

Според него, станува збор за анализа на функционално спојување на општините, а бројот на агенции и заводи е намален. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.