За земјите од Западен Балкан ништо не е политички и економски поважно отколку јасна европска перспектива заснована на заслуги, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на крајот од конгресот на ЕПП во Загреб.
– Нашите соседи во Југоисточна Европа се еден од приоритетите на хрватското претседателство, кој започнува на 1 јануари, а самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 и 7 мај ќе биде клучен, рече хрватскиот премиер.
Пленковиќ уште еднаш изрази жалење затоа што Албанија и Република Северна Македонија не добија зелено светло за отворање преговори.
Тој додаде дека Европа денес поминува низ досега невидена трансформација, која бара заеднички одговор, затоа што „се менува нашето глобално значење и позиција“. Тој ги наведе мигрантските притисоци, негативните демографски трендови, климатските промени, растечкиот популизам и Брегзит.
– За нас од клучно значење е да се спречи илегалната миграција во источниот Медитеран и на западнобалканската рута. Цврсто веруваме дека Европа мора да биде заштитена на грчката и бугарската граница и дека мора да се најде долгорочен договор со Турција, рече Пленковиќ.
Тој исто така рече дека пред следните избори, ЕУ мора да има правила што однапред ќе ги прифатат сите политички групи за да не се повтори годинашната состојба со водечкиот кандидат на ЕПП, Манфред Вебер, кој беше „неправедно“ блокиран.
Фактот дека ЕПП мораше да води силна битка за раководството на Европската комисија, и покрај тоа што беше релативен победник на европските избори, треба да биде голема причина за загриженост, предупреди Пренковиќ.
– Сепак, по сложените преговори во рамките на Европскиот совет и со другите политички партии – и откако нашиот кандидат Манфред Вебер беше неправедно блокиран – горд сум што успеавме да го обезбедиме изборот на Урсула фон фон де Лајен, рече Андреј Пленковиќ на крајот од дводневниот конгрес на Европската народна партија.