По 13 години затвор за лидерите на Златна зора

Грчкиот суд денеска ги осуди водачите на екстремно десничарската организација „Златна зора“ на по 13 години затвор, што е речиси максимална казна за водење на криминална организација обвинета за бројни насилни злосторства од омраза.

Претседателката на судот, Марија Лепениоти, им ја прочитала казната на водачот на организацијата, Никос Михалолијакос и на уште седуммина поранешни членови на грчкиот парламент, пренесува АП.

Останатите 11 члена на организацијата биле осудени на пет до седум години за членство во организацијата, додека партиски соработник бил осуден на доживотен затвор за убиството на грчкиот рап пејач Павлос Фисас во 2013 година, кој покрена акција против партијата.

Обвинителите тврдеа дека Михалолијакос ја водел својата партија според хиерархија во војнички стил, според Хитлеровата нацистичка партија, со него како лидер повеќе од 30 години.

При претрес на домовите на членовите на партијата, во 2013 година беа откриени огнено и друго оружје, како и нацистички симболи.

Искористувајќи го гневот против штедењето и мигрантите за време на 10-годишната должничка криза во Грција, Златна зора одредено време беше третата најпопуларна партија во земјата.

Партијата беше во парламентот од 2012 година, а нејзините пратеници постојано ги шокираа другите со провокативно и агресивно однесување. Не успеа да освои ниту едно место на парламентарните избори минатата година.

Организацијата „Златна зора“ е основана во 80-тите години на минатиот век како неонацистичка група и стана третата најсилна политичка партија по големата економска криза во претходната деценија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.