По 17 години Ел Класико заврши без голови

122
EPA-EFE/ENRIC FONTCUBERTA

Во едно од најголемите фудбалски дербија на светот, шпанското „Ел Класико“, Барселона и Реал Мадрид на „Камп Ноу“, пред 93.426 гледачи, првпат по 2002 година играа без голови.

Мечот требаше да се игра на 26-ти октомври, во рамките на 10-то коло од шпанскот првенство, но беше одложен од безбедносни причини поради бранот протести што ја зафати Каталонија поради пресудите за деветте каталонски сепаратистички политичари и активисти.

Покрај тоа, неколку часа пред почетокот на мечот, беше објавено дека бил ограбен домот на португалскиот дефанзивец на домашниот тим Нелсон Семедо, кој за „Блау Грана“ го одигра јубилејниот 100-ти натпревар впишувајќи само еден гол и осум асистенции.

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, го одигра 43-от натпревар против Барселона, со што стана рекордер и во двата клуба по бројот на одиграни „Ел Класика“ во историјата. Капитенот на Барселона, Лионел Меси, пак, го одигра 42-от дуел против Реал и на второто место се израмни со поранешниот соиграч Чави и фудбалерите на „Кралевите“, Мануел Санчиз и Пако Хенто.

Дербито донесе соодветна тензија и жестоки дуели, за што беа поделени осум жолти картони, но беше далеку од спектакуларноста кои ги одликуваше претходните судири годиниве. И двата тима создаваа шанси, но не успеаја да ги погодат противничките мрежи. Интересно е што Барса во текот на мечот направи само пет прекршоци, но три од нив беа санкционирани со жолти картони.

Реал беше високо поставен и агресивен на противничката половина и ја имаше првата шанса во 17 минута, по уфрлувањето од корнер кога Каземиро шутираше со глава а Жерар Пике од гол-линијата ја исфрли топката в поле. Во 30 минута од гол-линијата топката ја исфрли и Серхио Рамос по шутот на Лионел Меси. Во 41 минута Меси ја префрли гостинската одбрана додавајќи до Жорди Алба, но тој шутираше во негов бековски стил.

Во второто полувреме Барса ја имаше првата шанса, но Меси во 59 минута несфатливо за него се сплетка на само неколку метри од голот на Тибо Куртоа по проигрувањето од Антоан Гризман. Десет минути подоцна се закани Реал преку Герет Бејл кој шутираше преку голот. Велшкиот репрезентативец во 73 минута постигна погодок, но беше поништен по прегледот на ВАР-от , бидејќи асистентот Менди при приемот на топката беше во офсајд.

На табелата и натаму во мртва трка на врвот се Барселона и Реал Мадрид со по 36 бодови, додека Севилја е трета со 31 бод. Хетафе е четврти со 30 а петти е Атлетико Мадрид со 29 бодови.

Реал не ја победил Барселона на седум дуели во сите натпреварувања, има три ремија и четири порази. Последне пат Реал бил подобар од Барса во реванш натпреварот до шпанскиот Суперкуп на 17-ти август 2017 година со 2:0, а последен пат победил на „Камп Ноу“ во првиот дуел од истото натпреварување на 13-ти август со 3:1.

Барселона и Реал се сретнаа по 242-ри пат во официјални натпревари. И двата тима имаат идентичен број победи – по 95, а 52 дуела завршиле без победник. Во шампионатите на Шпанија одиграле 179 меча, а и во овој сегмент и Барса и Реал имаат ист број победи – по 72, а 35 меча завршиле без победник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.