По 18 години судот го враќа Јанко Бачев во МВР, но ќе работи како помлад инспектор

Поранешниот припадник на МВР, Јанко Бачев, кој работеше во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК) по 18 години доби работен спор.

Ваквите спорови треба да се решаваат за шест месеци плус еден, но на реформираното судство во нашата држава му требаа 18 години да го реши овој спор.

Сега МВР го враќа Бачев на работа и треба да му исплати материјален надомест за плати, некаде околу 100 илјади евра. Но, се чини дека меѓу Бачев и МВР, односно министерот Оливер Спасовски, спорот продолжува, бидејќи поранешниот контраразузнавач е распореден на работното место помлад инспектор за имотни деликти во Општина Чаир, што е во скеторот Јавна безбедност.

Бачев вели дека ќе се жали на оваа одлука, затоа што таа не е законска, бидејќи зад него се 30 години работно искуство, доктор на правни науки, универзитетски професор.

Инаку, Бачев и избркан од работа во 2002 година кога министер беше Љубе Бошкоски. Тој на 14 февруари 2002 година го добива отказното решение, иако еден ден порано отишол на боледување.

Според Бачев, треба да се донесе законска одредба со која ќе се казнуваат политичките игри на поединци во институциите, односно бркаат луѓе од работа, а потоа се губат работните спорови. Тоа подразбира тие да ја плаќаат настаната штета, а не институцијата.