-Потсетување за набавката на стар блок трансформатор во РЕК Битола.
Додека јавноста беше разбранувана од 400 нови вработувања во ЕЛЕМ пред околу еден месец, вчера следуваше објава за 90 нови вработувања во МЕПСО. Хаотична состојба на нововработени партиски војници, кои освен што ќе земаат плата, нема да придонесат ништо во енергетиката. Доказ дека состојбата е полоша од што се очекуваше се прекините во снабдување со електрична енергија деновивие во скоро цела Македонија, објави на Фејсбук Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
-Но, за да остане запаметено колку е лоша состојбата во енергетиката, да потсетиме на аферата „рачиња во медот“ за набавка на стар Блок трансформатор во РЕК Битола.
Имено, последните две години бевме сведоци на хаваријата на блок трансформатор од блок 2 во РЕК Битола и многуте небулозни објаснувања од владеачката гарнитура за причина на хаваријата и нејзина санација како и за набавка на стар користен трансформатор.
Набавката на користен трансформатор беше пропратена со следното:
Се бараше стар блок трансформатор со пренос 15.75/420 кВ.
Наместо нов блок трансформатор набавен е стар-користен регулационен трансформатор, кој во фабрика во Турција е преспоен на фиксен преносен однос, поради неможност на ист преносен однос 15,75/420 кВ.
Како последица на тоа генераторот не смее да работи со номинален напон, туку со намален напон, поради што блокот не смее да работи со номинален товар, за да не се преоптовари генераторот и да не се оштети.
Ова е една од причините зошто блок 2 не може номинално да работи, секако ако се исклучат другите проблеми со неквалитетен увозен јаглен.
Како последица на сето ова се поставуваат неколку важни прашања:
Дали има одговорност зошто е набавен стар користен регулационен трансформатор кој е преспоен на фиксен преносен однос и тој не одговара на номинаните параметри?.
Зошто е купен стар регулационен трансформатор со поголема моќност од потребната?
Зошто не е купен нов блок трансформатор?
Како ќе се објасни превисоката цена за овој стар трансформатор која е повисока дури за 3,5 милиони евра од нов трансформатор?
Каде завршија овие пари?
Реализацијата на оваа набавка во четири очи без јавна објава доцнеше повеќе од два месеци. Гаранцијата за квалитетно и навремено реализирање на проектот најверојатно не е наплатена. Кој ќе одговара за ова?
Зошто државните институции не презедоа ништо ова да се разреши?
Јавното обвинителство, финансиската полиција, државната ревизија и сите други релевантни институции молчат, додека милионски средства се испумпаа од ЕЛЕМ преку странска приватна компанија со пет вработени? Кој ги замачка рачињата со мед во овој случај?
Одговорност мора да има!, напишаа од Комисијата.