По 50 години најден авторот на порака во шише фрлено во Индискиот Океан

Авторот на една порака е најден педесет години откако ја фрлил во водите на Индискиот Океан, објави во неделата британскиот јавен сервис BBC.

Австралиецот со британско потекло, Пол Гилмор, тогаш 13-годишник, ја фрлил пораката во шише во океанот додека едрел со своето семејство од Обединетото Кралство во австралиската метропола Мелбурн.

Овој вторник неговата порака во јужна Австралија ја пронашол тринаесетгодишниот Џаја Елиот додека ловел риби со татко си. Гилмор за BBC изјавил дека „секогаш се надевал дека ќе му се врати писмото“.

Во пораката напишана на 17-ти ноември 1969 година, Пол Гилмор навел дека патува кон Австралија на бродот „Fairstar“ и дека се наоѓа 1.000 милји од градот Фремантл, и го повикува оној што ќе ја најде пораката да му одговори на неа.

„Јасно се сеќавам дека ги испратив тие писма. Ми беа многу важни и дел од авантурата на другата страна од светот… Сакам да читам авантуристички приказни, како романот Робинзон Крусо и слични. Мислам дека се надевав дека ќе пронајдам прекранса девојка на егзотичен остров.“, вели Гилмор, кој сега е градинар и бизнисмен.

Момченцето коешто ја пронашло пораката во шишето решило да му пише на Гилмор и се надева на негов одговор.