По аферата во ПИОМ, СДСМ и ДУИ на „нож“

Обелоденувањето на аферата во Пензискиот фонд се чини предизвика сериозни кавги меѓу владините коалициони партнери СДСМ и ДУИ. Ваков заклучок може да се добие по денешната изјава на вицепремиерот и близок соработниот на лидерот на Интегративците,  Бујар Османи.

Вицепремиерот денеска на прес конференција во Владата запрашан за информациите кои ги изнесе Царовска остро реагираше на изјавата на министерката и дури се закани со тужби за секој кој случувањата во Фондот ќе ги поврзуваат со криминал и со ДУИ.

„Апсолутно не станува збор за никаква злоупотреба на ниту еден денар. Затоа беше побарано од министерката Царовска и од Фондот денеска да излезат и да им дообјаснат на граѓаните. Тоа е апсолутно „фејк њуз“. Поради штетата што е направена на ДУИ најавувам дека за сите политичари, политички партии и медиуми кои вчера ја инволвираа ДУИ во оваа лажна вест, дека ако не се извинат во наредните 24 часа ќе мора да покренеме правна постапка за да ја докажеме вистината“, рече  Османи.

Според него, Царовска дала несреќна изјава која отворила можности за спектакуларни шпекулации.

Вицепремиерката Радмила Шекеринска, пак, која присуствуваше на истата прес конференција рече сепак тврди дека злоупотреба е направена.

„Таа злоупотреба мора да се истражи бидејќи тоа беше модел на тогашната влада, практично да зема пари од луѓето кои дел од средствата ги вложуват во вториот пензиски фонд, меѓутоа заради дупките што ги создаваат во државниот пензиски фонд, практично ги прикриваа и ги пополнуваа со пари што требаше да одат во приватните фондови“, рече Шекеринска.

Претходно СДСМ и ДУИ се најдоа во конфликт поради Законот за јазици и неговото испраќање во Венецијанската комисија заедно со спорниот член 8 којшто беше изваден од предлог законот при неговото донесување во Собранието пред една година. Османи тогаш тврдеше дека Законот не треба да се испраќа во Комисијата. Владата го испрати само еден ден по изјавата на вицепремиерот, а Заев во телевизиско интервју му порача на Османи дека го заборавил заклучокот на Владата според којшто е предвидено законското решение по неговото донесување да биде испратен до Венецијанската комисија.

Се чини дека СДСМ и ДУИ имаат спортивставени ставови и околу можноста за предвремени избори заедно со претседателските. Во ДУИ се децидни дека вонредни избори не се потребни, додека социјалдемократите сепак ја остваат отворената вратата за гласање за избор на пратеници заедно со изборот на шеф на државата.