По барање на кавадарчани, Јанчев го откажа настапот на Карлеуша

Популарната српска пејачка Јелена Карлеуша, која вчера беше најавена како главна музичка ѕвезда на Тиквешки гроздобер 2022, и требаше да пее на градскиот плоштад во Кавадарци на 11-ти септември, сепак нема да ги забавува присутните.

По голем број на реакции од кавадарчани, кои на социјалните мрежи се изјаснија дека не ја сакаат Карлеуша во нивниот град, посебно не на традиционалната општинска манифестација, општината го откажа нејзиното гостување.

„По објавената музичка програма наидовме на голем број негативни коментари и негодувања за музичката ѕвезда Јелена Карлеуша која е предвидена за настап на 11 ти септември како главна музичка атракција за овогодинешниот гроздобер. Нам секогаш ни е најважно вашето мислење, драги кавадарчани. Па затоа настапот на оваа музичка ѕвезда е откажан а во моментот се преговара со останати музички ѕвезди со кои можеме да го договориме дадениот датум“, напиша градоначалникот Митко Јанчев на својот фејсбук профил.

Тиквешки гроздобер ќе се одржи од деветти до 11-ти септември, а во текот на тридневната манифестација предвидени се голем број на културни и забавни настани, како и гостувања на повеќе музички гости.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.