По блокадата Советот на амбасадори: ЕУ да одлучува по принципот „консензус минус еден“

Големо разочарување што во моментов се блокирани пристапните преговори на Макеоднија, изрази денеска Советот на амбасадори. Велат дека со внимание го следеле процесот на одлучување во ЕУ за официјализирање на почетокот на преговорите но дека е блокиран поради како што велат, непринципиелните ставови на Република Бугарија.

Овие позиции на официјална Софија, според Советот на амбасадори, се осудени во јавноста. Додаваат дека ја препознаваат суштината на значењето на членството на земјата во ЕУ заради сопствените потреби за побрзо имплементирање на високите стандарди и критериуми на Унијата во сите области на животот и работата кај нас, но и заради геостратегиските и развојни перспективи на целиот регион на ЈИЕ.

„Унапредувањето на добрососедските и на регионалните односи се суштински дел на евро-интегративните процеси. Затоа, Советот на амбасадори и во својата идна активност ќе ја афирмира оваа високо поставена цел на политичката агенда на нашата земја и особено ке ја поттикнува идејата за модернизирање на механизмот на одлучување во Европската Унија , врз принципот „консензус минус еден!” Разновидноста на земјите-членки, создава реални можности, процесот на одлучување и за други важни прашања од структурен и организационен карактер за функционирање на Унијата, да се соочи со сериозни проблеми врз постоечките принципи во ЕУ, како што овој декември тоа и се случи на РС Македонија со блокадата од страна на само една земја-членка“, соопштија од Советот на амбасадори.