(Видео) По цензурата на „Код“ и тужба за Лупевска

Сопственикот на кавадаречката „ИГМ Трејд“, Илија Гечев во вечерашното гостување на „Телма“ се закани на уредничката Снежана Лупевска Созен дека ќе ја тужи за кажаното за настраданите работници во неговата фирма во емисијата „Код“, како и во денешното интервју.

Скандалот се случи во неделата кога „Телма“ цензурираше дел од најавената епизода на „Код“, во која биле обработувани судбините на настрадани работници. Откако беше разјаснето дека Гечев се јавил во телевизијата и се заканил со тужби ако биде објавена емисијата, бизнисменот сега тврди дека тој не го цензурирал „Код“, па својата верзија за настаните во емисијата ја искажа во вечерашното интервју.

Според Гечев, тој не бил навремено информиран дека ќе се снима емисијата.

-Најтешко е кога загинува работник. Ви се заблагодарувам за шансата да ја кажеме и нашата страна. Новинарот ми се јави во 16.30 во четврток кога имав многу важни гости од странство. Вие снимате ние не знаеме ништо, не сме информирани. Барем да се јавите еден ден пред тоа да кажете дека ќе снимате во Кавадарци, кај фамилиите… Јас сум дојден тука да ја кажам нашата вистина- обвини Гечев.

 

На ова Лупевска му одговори дека новинарот му се јавил во среда кога Гечев му рекол дека емисијата им е по нарачка и дека ќе ја тужи телевизијата доколку ја емитува. Лупевска додаде дека тој имал четири дена после јавувањето на новинарот да даде изјава.

-Како смеееш вакви прашања да поставуваш на најуспешната фирма „ИГМ Трејд“? Какво е ова истражувачко новинарство? Ја кажувате само едната вистина. Вистината има две вистини. Што е ова, ти сакаш да правиш спектакл од ова. Знаете ли колку вреди „ИГМ“ за македонската економијаОва ваше истражувачко новинарство не е истражувачко новинарство. Јас ќе поднесам тужба против вас. Вие ми го нарушивте угледот на мене и на мојата фирма. Ќе ангажирам добри адвокати и ќе ве тужам- рече Гечев.

Денешното издание на емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма денеска нема да се емитува. Колегите од емисијата се солидаризираат со Снежана Лупевска, чија емисија „Код“ вчера беше цензурирана.