По четири дена спасена Филипинка која поплавата ја однела 900 км во морето

Четири дена откако поpлавата ја однела од нејзиниот дом на југот од Филипини, 25-годишна Филипинка е спасена на море, објавија во понеделникoт локалните власти.

Дијана Салим ја спасил товарен брод во водите околу покраината Антикве, 900 километри северно од нејзиниот дом во градот Сибуко во покраината Замбоанга дел Норте, една од најпогодените од тајфунот Тембин.

Кога екипажот на бродот ја забележал на Божик малку пред мугрите, плутала на парчиња кои се одвоиле од нејзината куќа којашто во петокот ја однела поплавата.

„Спасувањето на Дијана нé држи во надеж дека има уште преживеани“, изјавил градоначалникот на Сибуко за локалното радио, пренесува агенцијата DPA.

Тајфунот Тембин ги опустоши Филипини оставајќи зад себе најмалку 230 мртви и повеќе десетици исчезнати лица во поплавите и одроните на земјиштето во јужниот дел од земјата.

Сé уште се трага по околу 120 исчезнати во погодената покраина Минданао, соопштија полицијата и локалната служба за вонредни состојби, и додаваат дека над 40.000 луѓе се сместени во прифатилишта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.