По четврти пат Божикен концерт во Универзална

Камерниот оркестар „Скопски солисти“ со Весна Гиновска-Илкова и хорот „Рустико“ ќе настапи на осми јануари во Универзалната сала во Скопје.

Веќе традиционалниот Божикен концерт на камерниот оркестар „Скопски солисти“ годинава 14., по четврти пат ќе се одржи во Универзална сала на 8 јануари. Ќе диригира бугарскиот диригент Андреј Андреев, а ќе настапат и сопранистката Весна Гиновска-Илкова и женскиот хор „Рустико“, предводен од Запро Запров.

Обоистот Васил Атанасов, уметнички раководител на „Скопски солисти“, на прес-конференцијата вчера најави дека на програмата, освен пригодни композиции, публиката ќе може премиерно да ги чуе и изведбите на „Симфонија во Ц-дур“ на Вивалди, „Аве Марија“ на Качини, „Панис Ангеликус“ од Цезар Франк и украинската божикна песна „Carol of the bells“. Атанасов посочи дека на програмата ќе биде и композицијата „Божик слава“ од Запро Запров

За Весна Гиновска-Илкова најавениот настап со барокни и вокално-инструментални изведби, покрај со класични дела, претставува предизвик.

„Со Божикниот концерт сум од почетокот. Тој е веќе идентитет за овој период од годината, настан што прераснува во традиција. Мој предлог беше изведбата на преубавата ’Аве Марија‘ овој пат од Качини, која претставува предизвик за секој сопран поради лиричноста и издржаноста во презентирањето на техниката“, рече таа.

Концертот ќе биде изведен со поддршка на Министерството за култура и Град Скопје. Влезниците се 500 денари, односно 250 денари за пензионери, студенти и за социјално загрозени лица.