По десет години „Асструмекс“ ја загуби лиценцата за возачки испити во полза на близок на премиерот

Фирмата „Асструмекс“ од Струмица, по десет години успешно спроведување на возачки испити во градот, доби забрана за работа во дејноста. Министерството за внатрешни работи, со одлука од 27 јуни годинава им ја одзема лиценцата за работа со образложение дека „Асструмекс“ не ги исполнувал условите од Законот за безбедност во сообраќајот, односно не располагал со полигон во подружницата Валандово. Решението за забрана Министерството го испраќа два дена откако беше објавен Јавниот конкурс за избор на правни лица за добивање на лиценца за испитен центар, објави телевизија Алфа.

Фирмата „Асструмекс“ на 24-ти јули годинава го обновува договорот со Општина Валандово за користење на полигонот во период од една година, но и покрај тоа. од МВР на 1-ви август, добива известување дека „не се избрани за добивање на лиценца за испитен центар“.

Како што објави во саботата Алфа, отсега дејноста за полагање на возачки испит ќе ја врши новооснованата фирма Испитен центар Струмица, во сопственост на Стојан Иванов, школски другар на премиерот Зоран Заев. Иванов е нов во бизнисот со возачки испити, бидејќи претходно се занимавал со приватно обезбедување, а во градот е познат како долгогодишен угостител.

Фирмата на Иванов, која ја основал на 17 април годинава со минимален паричен влог од 5000 евра, сега ќе го има ексклузивното право за полагање возачки испити во Струмица, со чист профит од неколку стотини илјади евра.

На истиот јавен повик, објавен на 25- ти јуни, МВР не ја продолжи ниту лиценцата за работа на АМСМ, туку зделката тешка близу 6 милиони евра ја лапна 26-годишниот Виктор Серафимов сопственик на новоформираната фирма „Авто испитен центар“ Скопје. Фирмата која во следните пет години ќе има монопол во главниот град била основана само 7 дена пред да биде објавен Јавниот конкурс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.