По двата пораза, Вардар освои бод на гости во ракометната ЛШ

По двата натпревара без освоени бодови, ракометарите на Вардар од новото гостување во Лигата на шампионите се вратија со бод кој го освоија на гости кај Мешков Брест во Белорусија со краен резултат 31:31 (13:14), со кој македонскиот шампион се искачи на третото место на табелата со 11 бода.

Во најголемиот дел од средбата водеше Мешков, а Вардар само еднаш имаше водство, во првото полувреме, но мора да се каже дека македонскиот шампион настапи без повредените Горбок, Борозан и Мораеш, а од 42 минута и без Калараш кој доби директен црвен картон.

Вардар покажа карактер, па и кога имаше негатива од пет голови (20:25), а и покрај некои контроверзни судиски одлуки.

Вардарци повторно ги покажаа слабостите од претходните дуели, и имаа лош период на почетокот на второто полувреме, кога домашните тоа го искористија и направија предност од неколку голови.

На голот во финишот влезе Калифа Гедбан заменувајќи го Дејан Милосављев и токму Алжирецот се покажа како клучен зашто одбрани неколку важни топки. Стабилизирањето на играта на Вардат резултираше на девет секунди пред крајот на средбата, кога Кристијан Дисингер реализираше за 31:31. Потоа Мешков имаше само шанса, но „вардарци“ тој напад го прекинаа со фаул, па последниот удар од девет метри не беше причина за загриженост.

Во следното коло Вардар е домаќин на Кјелце со што ќе заврши есенскиот дел од сезоната во Лигата на шампионите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.