По двете усогласувања пензионерите ќе земаат по 300 денари секој месец до крајот на годината, вели Шахпаска

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска го појасни последното зголемување на пензиите за 1,2 отсто.

Таа во изјава за Сител ТВ рече дека пензионерите двапати во годината го добиваат законското усогласување согласно порастот на трошоците за живот.

– Во месец јануари имаше пораст за 1.2%, и сега во јули повторно 1.2% тоа се 300 денари кои пензионерите ќе ги добиваат секој месец,  до крајот на годината. Нашата економија постепено ќе закрепнува, со порастот на БДП за кој  постојат сериозни анализи дека ќе биде над 4.1%, верувам дека пензиите ќе продолжат да растат – рече Шахпаска.

Министерката го образложи и законското решение кое е во Собранието со кое  1.100 стечајци ќе зематат  надоместок во износ од 9.242 денари месечно.

– Измената е во условот на  годините во  работен однос, па така, наместо досегашните 15 години работен однос новото законско решение предвидува 14 години, додека пак останатите услови остануваат исти. Ова законско решение е предвидено да оди по скратена постапка и да се најде пред пратениците следната седница на 22 јули -рече Шахпаска..

Во врска со измените на  Законот за работни односи во делот на  пензионирањето со 64 години старост и 15 години стаж, министерката Шахпаска потенцираше дека исклучок ќе има кај здравствените работници и соработници и вработените во високото образование, каде по претходна оценка ќе биде овозможено продолжување на работниот однос до 67 години. Додека пак жените согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување по лично барање ќе можат да се пензионираат и на 62 години и 15 години стаж.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.