По една година на власт, Германците незадоволни од владата на Шолц

Дури две третини од Германците се незадоволни од владата на канцеларот Олаф Шолц, една година откако неговиот кабинет ја презема должноста, покажуваат резултатите од испитувањата на јавното мнение по повод една година од мандатот што се навршува во четвртокот.

Во анкетата којашто ја спровел институтот за истражувања на јавното мнение YouGov за новинската агенција DDPA, 33 отсто од испитаниците рекле дека „доста се незадоволни“, а уште 33 отсто дека „многу се незадоволни“ од работата на владата составена од Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) и Слободните демократи (либералите од FDP).

Според резултатите, само 3 отсто од испитаниците се „многу задоволни“, а 23 отсто од нив се „доста задоволни“.

Во анкетите се покажало дека гласачите на партиите во владината коалиција имаат многу различни мислења за работата на владата. Додека 56 отсто од гласачите на Зелените се задоволни, само 24 отсто од оние кои гласале за либералите се задоволни. Меѓу приврзаниците на социјалдемократите, пак, задоволството и незадоволството се речиси изедначени и изнесуваат 48 односно 47 отсто.

Канцеларот Шолц во анкетата минува само малку подобро отколку неговата влада во целина, па 64 отсто од испитаниците се незадоволни од неговата работа, додека 29 отсто се задоволни. Во споредба со неговата конзервативна претходничка Ангела Меркел, канцеларот Шолц не минува толку добро, па така повеќето од 51 отсто ја сметаат Меркел за подобра канцеларка, додека само 19 отсто од испитаниците сметаат дека подобар е Шолц. Меркел има предност пред Шолц и меѓу гласачите на неговата SPD, 39 наспроти 37 отсто.

Од спроведувањето на партиските политики во владата најзадоволни се гласачите на Зелените, па така 28 отсто од нив сметаат дека спровеле најдобра работа на своите политики во владата. Истото за својата партија го сметаат 23 отсто од гласачите на SPD и само 19 отсто од гласачите на FDP.

И покрај незадоволството од работата на владата, само 31 отсто од испитаниците веруваат дек коалицијата ќе се распаден предвреме, а 47 отсто веруваат дека ќе трае до следните сојузни избори во 2025 година.

Канцеларот Шолц во меѓувреме најави планови за повторна кандидатура на изборите во 2025-та, во интервјуто за медиумската група Funke.

„Секако дека повторно ќе се кандидирам“, вели Шолц додавајќи дека сака „владејачката коалиција да биде во толку добра позиција за повторно да го освои мандатот“.

Коментирајќи ги лошите резултати од споменатата анкета, Шолц вели дека е благодарен на поддршката којашто ја ужива и на можноста да добие уште поголема поддршка.

Оценувајќи ја првата година од мандатот на својата влада, германскиот канцелар вели дека е „задоволен од тоа што како влада доста сме стабилни во овие бурни времиња со бројни предизвици“.

Како најголемо остварување на владата во изминатиот едногодишен период, Шолц ја истакнува поддршката на Германија за Украиан по руската инвазија, новите поттикнувања за обновливите извори на енергија и почетокот на модернизацијата на германското стопанство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.