По информациите дека недостасува еден патник, Русковска нареди да се обезбеди листа на патници кои патувале со „Беса транс“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи обвинителката Вилма Русковска издало усна наредба со СВР Скопје да се обезбедат листи на патници кои патувале со автобусите на „Беса транс“ на турата за Истанбул.

Наредбата е дадена денеска веднаш по прес-конференцијата на бугарското обвинителство на која беше наведено дека можно е да недостасува еден патник.

Истата наредна ја издало и бугарското обвинителство до бугарските гранични служби.

„Истата постапка ја спроведува и бугарското обвинителство кое ги споредува листите од граничните премини за влез на патници од Република Северна Македонија во Република Бугарија на 18.11.2021 година и листите за влез од Република Турција во Република Бугарија на 2021 година и излез од Република Бугарија кон нашата земја наредниот ден“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

На турата за Истанбул на 18 ноември тргнале четири автобуси. Едниот од нив имаше несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, а останатите три истата ноќ се вратија во земјата, па она што го бараат македонското и бугарското обвинителство од граничните премини е список на патници кои направиле влез и излез во двете држави при патувањето кон Турција и при враќањето.

На денешната прес-конференција на бугарските обвинители беше наведено дека во остатоците од автобусот биле пронајдени 44 трупа.

Портпаролката на бугарскиот главен обвинител, Сијка Милева, објасни дека добиле информација дека во автобусот патувале 52 патници, а во болница се лекуваат седум лица. Еден од двајцата сведоци, преживеаните патници со кои разговарале, тврдел дека спасил осуммина, но како што рече Милева, во болницата има само седум патници.