По иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ расправа за Еуростандард банка во Собранието

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за одржување надзорна расправа за случајот „Еуростандард банка“. За иницијативата насловена како „Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка“ пратеничката група бара да биде ставена на гласање на првата наредна седница на Комисијата за финансирање и буџет. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека за пропаѓањето на банката треба да се произнесат и стручњаци.

Пратеникот Антонио Милошоски на Фејсбук праша дали Еуростандард банка е втор ТАТ и кои фирми имале корист од милионски кредити, дали овие фирми биле блиски до фамилијата на власт.

„Кои фирми имале корист од милионски кредити, дали овие фирми биле блиски до фамилијата на власт и колку високи функционери, членови на владата, знаеле предвреме за стечајот на банката? Наскоро, по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието ќе расправа на оваа тема и ќе се откријат многу сериозни манипулации“, напиша Милошоски.