По немирите во Венецуела, расте цената на нафтата

Ситуацијата во главниот град на Венецуела Каракас и натаму е тензична, ден по обидот за пуч. Оспорениот претседател Николас Мадуро во телевизиско обраќање до нацијата и честиташе на армијата дека ги поразила заговорниците на бунтот, велејќи дека пропаднал планот на малата група која го поддржува опозицискиот лидер и самопрогласен претседател Хуан Гуаидо.

Бунтот е задушен. Венецуела никогаш нема да им се предаде на империјалистичките сили. Што сакаат, воена битка. Дали тоа и користи на Венецуела, на демократијата, на мирот. Предводник беше фашистот Леополдо Лопез, но ние одговоривме со челични нерви, максимална будност и ефикасно дејствување, изјави Николас Мадуро – претседател на Венецуела.

Веднаш по обраќањето на Мадуро, се огласи и самопрогласениот претседател ГУаидо, кој ги повика граѓаните масовно да излезат на улични демонстрации во рамките на, како што рече, „операцијата Слобода“.

Ги повикувам вооружените сили да го продолжат својот марш во Операцијата слобода, во спасувањето на достоинството на нашиот народ, нашите семејства, ова е предизвик. Ја почнуваме завршната фаза и ќе бидеме постојано на улица додека не престане узурпацијата, изјави Хуан Гуаидо – лидер на опозицијата и претседател на парламентот.

Вчерашниот ден го одбележаа судири, солзавци и оклопни возила на улиците на Каракас, а во судирите на двете фракции, како што јави Вашингтон пост, едно лице загинало, а стотина се повредени и исто толку уапсени. Шпанската Влада потврди дека опозицискиот лидер Лопез се наоѓа во шпанската амбасада во Каракас. Сојузната управа за цивилно воздухопловство на САД ги забрани летовите на американските авиони над небото на Венецуела. Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Куба дека ќе и воведе нови санкции ако кубанските војници веднаш не прекинат со воените операции во Венецуела. Москва пак, го предупреди Вашингтон дека неговото мешање во внатрешните прашања на таа земја може да предизвика колапс.

Гуаидо работи против Венецуела. Ако САД продолжи да се меша, може да има големи последици, изјави Марија Захарова.

По случувањата во Венецуела, цената на нафтата се зголеми на светскиот пазар и ја надмина границата од 73 долари за барел. Инаку, Николас Мадуро, поранешен возач на автобус со долгогодишна синдикална кариера, е прв избран претседател на Венецуела со тесно монозинство во 2013 година. Откако ја презеде власта, се обвинува за поткопување на демократијата, за корупција и загрозување на човековите права, но и за економска криза во земјата. Гваидо, кој во јануари се прогласи за претседател и беше избран за претседател на Народното Собрание, за многумина беше освежување за сите кои беа незадоволни од политиката на Мадуро и економскиот колапс на државата. Гуаидо студираше индустриски инженеринг, а студиите ги комплетираше во универзитетот Џорџ Вашингтон во САД.