По несреќата Холандија привремено ги забрани електричните товарни велосипеди

Холандија привремено од понеделникот ги забрани товарните електрични велосипеди по неодамнешната несреќа во којашто смртно настрадаа четири деца.

Со забраната ваквиот тип велосипеди нема да бидат дозволени на јавните сообраќајници, изјави министерката за сообраќај, Кора ван Ниевенкујзен, додавајќи дека истрагата открила „потенцијална безбедносна опасност“.

Електричен товарен велосипед се судри со воз на железнички премин во градот Осу на југоистокот од Холандија на 20-ти септември. Загинаа четири дечиња од предучилишна возраст а уште едно дете и едно возрасно лице беа тешко повреени.

Децата ги возела вработена во детска градинка. Очевидци на трагедијата за холандското јавно радио изјавиле дека сопирачките на електричниот велосипед откажале, по што жената викала дека не може да запре.

Електричните товарни велосипеди се користат во многу детски градинки во Холандија. Велосипедистот седи зад голема количка во којашто може да седнат и до десет дечиња.