По откажувањето на самитот со Ким, Трамп предупреди дека „војската е подготвена“

Американскиот претседател Доналд Трамп го откажа во четвртокот историскиот самит со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун и предупреди дека американската армија е подготвена во случај на невнимателен потег на Пјонгјанг.

Трамп во писмото до Ким, ненадејно и кога на таква можност предупредуваа од се Пјонгјанг поради американско-јужнокорејските воени маневри, ја откажа средбата на врвот прв во историјата меѓу американски претседател и севернокорејски водач. Самитот требаше да се одржи на 12-ти јуни во Сингапур.

„За жал, имајќи го предвид големиот гнев и отвореното непријателство коешто го покажавте со своите последни изјави, мислам дека не е соодветно, во овој момент, да се одржи овој долго планиран состанок“, се наведува меѓу другото во писмото со кое американскиот претседател директно му се обраќа на Ким Џонг-ун.

Во подоцнежното соопштение од Белата куќа, Трамп потврдува дека разговарал со министерот за одбрана Џејмс Матис и ја предупредува Северна Кореја да не прави никакви невнимателни потези.

„Нашата војска е најсилната на светот. Поподготвени сме повеќе од кога и да е порано“, истакнува Трамп, откако во писмото порача дека „Зборувате за своите нуклеарни капацитети, но нашите се толку големи и моќни што му се молам на Господ никогаш да не треба да ги употребиме“.

Во втората објава американскиот претседател додава дека и Јужна Кореја и Јапонија, исто така, се подготвени да поднесат многу повеќе од финансиски товар „доколку би не снашла некаква несреќна ситуација“.

Пентагон соопшти дека следните денови внимателно ќе ги следи потезите на Северна Кореја и, доколку има провокативни потези, е подготвен да одговори во партнерство со сојузниците.

Јужнокорејскиот претседател Муин Џае-ин изрази длабоко жалење поради одликата на американскиот колега по должност Доналд Трамп да го откаже, или одложи, самитот.

„Многу сум збунет и тажно е што самитот меѓу Северна Кореја и САД нема да биде одржан на 12-ти јуни, за кога беше закажан“, изјави Мун.

Велика Британија, исто така, изрази разочарување од откажувањето на планираната средба меѓу Трамп и Ким.

„Разочарани сме што нема да дојде до оваа средба којашто беше планирана. Сакаме да видиме договор кој ќе овозможи целосно неповратна и проверлива денуклеаризација на Корејскиот полуостров и ќе продолжиме на тоа да работиме со нашите партнери“, изјави портпаролката на британската премиерка Тереза Меј.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази „длабока загриженост“ од откажувањето на самитот и ги повика двете страни на продолжување на дијалогот.

„Длабоко сум загрижен од одложувањето на планираната средба во Сингапур меѓу претседателот на САД и водачот на Демократска Народна Република Кореја“, изјави Гутереш во Женева. Ги повика двете страни да го продолжат дијалогот за да се најде „пат кон мирољубива и докажлива денуклеаризација на Корејскиот полуостров“.

Веднаш по веста од Белата куќа, демократката во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, оцени дека одложувањето на самитот е добра работа за Ким Џонг-ун, додавајќи дека со овој чекор американскиот претседател го легитимизирл „разбојникот“ и челникот на „полициската држава“.

„Мислам дека ова излезе добро за Ким Џонг-ун. Доби глобално признание и углед и тој е голем победник. А кога го добил писмото од претседателот Трамп и рекол ‘во ред, нема врска’, сигурно се превртува од смеење во својата Северна Кореја“, рече Пелоси.

Претходно во четвртокот Северна Кореја повторно се закани дека ќе се повлече од плановите за самитот следниот месец и предупреди дека е спремна за нуклеарно соочување со Вашингтон, доколку тоа биде потребно.

Во изјавата којашто ја пренесоа севернокорејските медиуми, заменикот министер за надворешни работи Чое Сон-хуи го нарече американскиот потпретседател Мајк Пенс „политички аналфабет“ поради споредбата на Северна Кореја, „држава којашто поседува нуклеарно оружје“, со Либија чиј поранешен челник Моамер ел-Гадафи ја прекина нуклеарната програма во договор со западните земји за потоа да биде соборен од власт и егзекутиран од противниците коишто ги поддржуваше токму Западот