По победата на Милатовиќ, Вучиќ очекува подобрување на односите со Црна Гора

Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот вечерта изјави дека по победата на Јаков Милатовиќ на претседателските избори во Црна Гора, очекува подобрување на односите меѓу Белград и Подгорица.

Во синоќешното интервју од Верона за телевизијата ТВ Хепи, Вучиќ не можеше да потврди дали и Црна Гора ќе се приклучи на регионалната иницијатива Отворен Балкан, која Србија ја започна со Македонија и Албанија, со кои заеднички учествува на саемот за вино „VinItalia во тој италијански град.

„Му честитав на Јаков Милатовиќ, никогаш не сум разговарал со него, ниту сум се видел. Разговарав со (црногорскиот премиер) Дритан Абазовиќ неколкупати, и тој недвосмислено ја изрази желбата, бидејќи тоа ќе биде само од полза за Црна Гора“, рече Вучиќ.

„Не очајувам дури и да не биде така“, додаде српскиот претседател, велејќи дека по изборот на Милатовиќ за претседател на Црна Гора, очекува двете земји да ја подобрат меѓусебната доверба и дека повеќе нема да има меѓусебни обвинувања.

„Претходниот претседател (Мило Ѓукановиќ) секогаш за сѐ ја обвинуваше Србија, а ние најчесто ретко одговаравме. Сакаме соработката на сите полиња да биде главен мотор на нашите односи, а не да се обвинуваме за сешто“, рече Вучиќ.

Трите земји ја лансираа идејата за Отворен Балкан како регионална иницијатива следејќи ги европските принципи за слободен проток на луѓе, стоки и капитал и изјавија дека ќе формираат единствен пазар од 12 милиони луѓе, а на 11-ти ноември 2019 година на самитот во Охрид се договорија за создавање економска зона којашто дополнително ќе ги подобри политичките и економските односи и ќе ги зајакне културните врски.

Поканата е отворена и за Црна Гора и Босна и Херцеговина, а албанскиот премиер Еди Рама истакна дека „на масата“ има место и за Косово, но дека целосно ја почитува одлуката на косовските власти, поради нерешените односи со Србија, тоа „место на масата да го остават празно“.