По повеќе од еден месец ирачките парламентарци се вратија на работа

Членовите на ирачкиот парламент во неделата се вратија на работа, повеќе од еден месец откако приврзаниците на влијателниот шиитски верски и политички водач Моктада ал-Садр упаднаа во седиштето на законодавната власт во Багдад, пренесува AFP повикувајќи се на парламентарни извори.

Ирак влезе во политичка слепа улица уште во периодот на парламентарните избори во октомври 2021 година, на кои победи движењето на Моктада ал-Садра, но политичките лидери не успеаја да се договорат околу новиот премиер. Поради тоа, земјата од изборите нема нова влада, ниту нов претседател на државата кој се избира во парламентот.

„Сите вработени во парламентот се вратија на работа. Откако демонстрантите провалија во седиштето на парламентот сите активности беа запрени“, рекол за AFP функционер на парламентот кој сакал да остане анонимен затоа што не е овластен да дава изјави за медиумите.

Влијателниот шиитски водача Моктада ал-Садр бара да се одржат предвремени парламентарни избори, сметајќи дека ново мнозинство може да ја надмине политичката криза. Неговите приврзаници, протестирајќи против кандидатурата за премиерот кого го поддржуваат ривалските шиитски фракции кои наводно се поврзани со соседен Иран, неодамна насилно провалија во зградата на владата во ткн багдадската добро обезбедена Зелена зона, што резултираше со насилства и судири. Според неофицијални податоци, загинале најмалку 30 луѓе а стотици се повредени.

Предвремените парламентарни извори би требало да се одржат до крајот на следната 2023 година, изјави во неделата претседателот на ирачкиот парламент предложувајќи иницијатива чијашто цел е да се заврши политичкиот застој во земјата. Маохамед ал-Халбуси изјави дека постојат неколку точки за коишто би требало да се дискутира на следната седница закажана за понеделник.

Сојузникот на ал-Садр и воедно клучен политички фактор во малцинската сунитска ирачка заедница ал-Халбуси, на Twitter предложи програма за нова средба за националниот дијалог кој би придонел земјата да излезе од кризата.

„Политичките сили би требало да се договорат за датумот за одржување на предвремени парламентарни и локални избори. Тие би требало да се одржат најдоцна до крајот на 2023 година“, рече ал-Халбуси.

Изборот на новиот претседател, формирање на сигурна влада и усвојување на државниот буџет, како и дискусијата за можните измени на изборниот законик, исто така, се при врвот од неговиот предлог од десет точки.