По претрес во Скопје пронајдена дрога, приведени дилери

На 28.11.2022 во 14.05 часот пред стан на ул.„Варшавска“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје ги лишиле од слобода П.М.(32) и Д.И.(34), двајцата од Скопје. За Д.И. била распишана централна потерница по наредба на Основен суд Скопје 1 за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик.

При преземањето мерки за негово лишување, било дојдено до сознание и дека на подрачјето на Скопје Д.И. врши препродажба на наркотична дрога. Д.И. и П.М. биле лишени пред станот што го користел Д.И. за чување и препакување дрога, при што кај двајцата била пронајдена марихуана.

Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во станот и биле пронајдени и одземени поголема тегла со марихуана, две ќеси со марихуана, една ќеса со бела прашкаста материја, капсули со кафеава прашкаста материја и дигитална вага.

Со судска наредба бил извршен и претрес во стан на ул.„Прашка“, каде што Д.И. престојувал со неговата девојка, при што пред зградата биле пронајдени ќеса со марихуана и дигитална вага со остатоци од марихуана, кои претходно неговата девојка ги исфрлила од прозорец.

Д..И. бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната, а П.М. бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава по член 215 од Кривичниот законик.