По Реал, со празни раце остана и Барселона

Фудбалерите на Барселона се поразени во шестото коло од шпанската Примера на гостувањето кај Хетафе со 1:0, а единствениот погодок на мечот го постигна Јаиме Мата од пенал во 56 минута.

Барселона настапи во речиси најсилниот состав, Лионел Меси во првото полувреме ја погоди пречката, а Антоан Гризман во вториот дел не реализираше голема шанса. Ова е прв пораз на Роналд Куман откако на почетокот од сезоната го презема славниот каталонски клуб.

Претходно во саботата новиот преволигаш Кадиз направи сензација совладувајќи го на гости Реал Мадрид со 1:0, па ова е еден од ретките денови во историјата на шпанското првенство кога во ист ден порази доживеале и Реал и Барселона.

За Кадиз ова е првата победа против Реал од 1991 година. Мадридскиот клуб го доживеа првиот проаз по седум месеци во Примера. „Кралевите“ севкупно до саботата имаа серија од 15 натпревари без пораз, по 7ми август кога беа поразени во осминафиналето во Лигата на шампионите со 1:2 од Манчестер Сити.

На табелата водат Реал, Хетафе и Кадиз со по 10 бодови, а Барселона е 9-та со седум бодови од четири натпревари.

Претходно Атлетико Мадрид во Виго со 2:0 ја победи Селта, а стрелци беа Луис Суарез во 6 и Јаник Караско во 90 минута. Атлетико има одиграно досега четири кола во кои освои осум бодови, а Селта ги одигра сите шест кола во кои собра пет бодови.