По руската анексија, Украина бара итен прием во НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја поднесува барање за „забрзано“ членство во НАТО.

Неговиот денешен коментар уследи непосредно откако Русија објави дека анектира четири украински региони кои ги окупира за време на инвазијата и оркестрираше референдуми, кои меѓународната заедница ги смета за нелегитимни.

– Преземаме одлучувачки чекор со потпишување на апликацијата на Украина за забрзано пристапување во НАТО – наведе Зеленски.

Засега не е јасно што значи „забрзана“ апликација, зашто за влез во НАТО е потребна едногласна поддршка од членките на Алијансата.

– Де фактo, ние веќе ја докажавме компатибилноста со стандардите на Алијансата. Тие се вистински за Украина, вистински на бојното поле и во сите аспекти на нашата интеракција. Си веруваме едни на други, си помагаме едни на други и се штитиме едни со други. Ова е сојуз – рече Зеленски.

Зеленски исто така го повтори своето ветување дека ќе ја обедини целата украинска територија која сега е под контрола на Русија.

Во јуни Европската унија (ЕУ) се согласи да ѝ даде кандидатски статус на Украина. Брзината на тој потег, скоро незамислива неколку месеци претходно, бараше едногласно одобрување од сите членки на Унијата.

Иако постои значајно преклопување меѓу членките на ЕУ и НАТО, обезбедувањето согласност за влез на Украина во овој безбедносен сојуз и гарантирањето на нејзината одбрана би можело да биде многу потешко. Непосредна пречка за членство на Украина во НАТО е што земјата веќе е вклучена во воен судар на свое тло, наведува Асошиејтед прес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.