По шесте сведочења, се слушаа и осум аудио снимки на денешното рочиште за „Тенк”, утре е следното

Адвокатите на Јанкуловска, поради контаминираност на четири јавно објавени разговори бараа од судот истите да не се репродуцираат во судницата.

Обвинителот се противеше на ова, па поради тоа судијата Кацарска го одби барањето на адвокатите образложувајќи дека таа веќе донела одлука по ова прашање уште во самиот старт на овој судски процес и додаде дека барањето е неосновано.

Адвокатот Сања Алексиќ бараше и при пуштањето на цд-то, обвинителот да ги чита само телефонските броеви, а не и имињата и презимињата на соговорниците, бидејќи без претходно вештачење обвинителството неможе да тврди чии се гласовите. Судијата Кацарска го одби и ова барање на одбраната и нареди читање на имињата онака како што се доставени од СЈО.

Додека се репродуцираа аудио доказите, во судницата беше присутен и техничкиот советник на одбраната – Мирослав Котевски. Одбраната реагираше и истакна приговор дека не е утврдена автентичноста ниту ниту идентификацијата на соговорниците од стручно лице.