По случувањата во Судскиот совет, Амбасадата на САД очекува независно и одговорно судство

Амбасадата на САД ја поздрави одлуката на Уставниот суд
Амбасадата на САД ја поздрави одлуката на Уставниот суд

По последните случувања во Судскиот совет околу разрешувањето на претседателката Весна Дамева, од Амбасадата на САД во Северна Македонија порачуваат дека, без разлика кој е во раководството, очекува независно и одговорно судство.

„Амбасадата на САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство, без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Северна Македонија“, велат од Амбасадата на САД за Алсат ТВ.

Тензиите во Судскиот совет ескалираа пред два дена со разрешување на претседателката Весна Дамева од група членови предводени од заменик-претседателот Селим Адеми. Во средата на седница, кога на дневен ред беа претставки од граѓани, но и формирање комисии за поднесени барања за утврдување на одговорност на судии, настана расправија за меѓучовечките односи во самиот Совет.

Иницијална каписла за да почнат караници на јавната седница беше писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер за што дел од членовите ја обвинија Дамева дека го криела, додека таа одговараше дека била од одмор. Во писмото, Агелер ја изрази својата и загриженоста на САД за состојбите во правосудството, а конкретно укинувањето на пресуди од Апелацискиот суд и враќањето на случаите на повторно судење.

Меѓутоа, јавноста излегоа и неофицијални информации дека заднина на конфликтот била и иницијатива за утврдување одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети за кого беше констатирано дека девет месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, а беше дел и од други висопрофилирани случаи. Иницијативата, како што прв објави порталот СДК.мк, била блокирана од членови предводени од заменик-претседателот Селим Адеми и членот Миљазим Мустафа, кои барале место иницијативата да оди веднаш на седница и веднаш да се формира тричлена комисија, како за другите судии за кои досега се барало одговорност, таа времено да се стопира. Од друга страна, пак, истиот судија беше кандидат за врховен судија за што наводно имало притисоци да биде изберан.

По контроверзното разрешување на Дамева, нов претседател не се избра на вчерашната итна седница. Почетокот на седницата првично се пролонгираше за два часа, а откако почна траеше само 10-тина минути и Адеми ја одложи со објаснување дека отсутен е еден од 13 члена со право на глас. Иако тоа беше формалното објаснување, она што неофицијално се зборуваше е дека нема мнозинство за избор на нов претседател за што се потребни осум гласа „за“.