По свртувањето в десно, Португалија ги заостри правилата за мигрантите

Португалија во понеделникот објави нов план за заострување на правилата за мигрантите, следејќи ги стапките на другите земји од Европската унија, само неколку дена пред граѓаните на ЕУ да излезат на изборите кои би можеле да ја променат политиката на Унијата в десно.

Според новите правила, мигрантите ќе мора да имаат договор за вработување пред да се преселат во Португалија.

„Во Португалија ни требаат луѓе кои се подготвени да ни помогнат да изградиме поправедно и попросперитетно општество. Но, не можеме да одиме во друга крајност и да ја држиме вратата ширум отворена“, рече португалскиот министер Луиш Монтенегро.

Владата ќе го забрани широко користениот механизам за „искажување интерес“ кој со години им дозволуваше на мигрантите од земјите кои не се членки на ЕУ без договор за вработување да се преселат во Португалија и да бараат престој откако ќе плаќаат социјално осигурување една година.

Укинувањето на овој механизам значи дека мигрантите мора да имаат договор за вработување пред да се преселат во земјата. Приоритет ќе биде влезот на квалификувани професионалци, студенти, луѓе од земјите од португалско говорно подрачје и луѓе кои сакаат да им се придружат на нивните семејства. Од владата не откриваат детали за каков тип „квалификации“ станува збор.

Според Монтенегро, во моментов има околу 400.000 постапки за регулирање (на статусит), проблем што владата сака да го реши со формирање работна група, реструктуирање на новоформираната миграциска и гранична агенција и зголемување на персоналот.

Планот ја отсликува промената на политиката кон десно во поголемиот дел од Европа, бидејќи владите се обидуваат да го запрат растот на крајната десница со построги правила за имиграција.

Крајната десница се засилува во Португалија по општите избори одржани годинава во март, на кои со мал процент победи десничарската конзервативна Демократска алијанса (AD). Партијата владее без мнозинство и потребна ѝ е поддршка од екстремно десничарската партија Доста (Chega) или централно-левичарската Социјалистичка партија (PS) за да го усвои законот.

Антимиграциската Доста е третата според рејтингот политичка партија во Португалија, која четирикратно ја зголеми својата застапеност во парламентот и сега има 50 пратеници.

Се очекува екстремно десничарските и конзервативните партии да поминат добро и на изборите за Европскиот парламент оваа седмица, потенцијално насочувајќи ја политиката на ЕУ кон построг пристап кон законот, редот и безбедноста на границите.

Во Португалија живеат околу 800.000 мигранти, речиси двојно повеќе од пред една деценија. Околу 14 отсто од даночните обврзници се мигранти, тие во 2022 година придонеле за стопанството повеќе од 1,6 милијарди евра, додека за возврат добиле околу 257 милиони евра социјална помош. Иако мигрантите значително придонесуваат за земјата, тие често работат несигурни работни места и имаат пониски плати, според невладината Опсерваторија за миграција. Во извештајот од 2023 година, Опсерваторијата наведува дека некои сектори ќе пропаднат без странски работници.

За време на претходната социјалистичка влада, која беше на власт осум години од 2015 година, Португалија имаше една од најотворените миграциски политики во ЕУ, иако мигрантите долго време се жалат на сериозни одложувања во добивањето престој и други документи. Поради доцнењето, многумина не можеа да најдат сместување и работа.