По тензиите, сега подобрување на односите меѓу Париз и Рим

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска престојува во Рим, каде ќе се сретне со италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерот Џузепе Конте. Посетата ќе треба да ги покаже подобрените француско-италијански односи по падот на поранешниот вицепремиер Матео Салвини на 5 септември, јави дописникот на МИА.

– Францускиот претседател и италијанскиот премиер сакаа да се видат набргу по формирањето на новата Влада на Италија. Оваа средба е значајна … по долги моменти на сомнеж или проблеми во последните месеци, наведува Елисејската палата.

Париз и Рим сакаат да стават крај на тензиите меѓу двете земји, за време на 14-те месеци на власт на коалицијата меѓу Ла Лига и Движењето 5 ѕвезди. Поранешниот вицепремиер Матео Салвини, на пример, го обвини Емануел Макрон за „ароганција“ и „лицемерство“ во врска со имиграцијата, обвинувајќи го за владеење „против својот народ“, среде „кризата на жолтите елеци“.

Францускиот претседател го нарече, пак, Салвини „националистичка лепра“, со што шефот на италијанската влада стана негов „главен противник“. Тензијата сè уште се зголемуваше бидејќи шефот на М5 и министерот Луиџи ди Мајо ја преминаа границата за да се сретнат со „жолтите елеци“, поради што беше повлечен францускиот амбасадор, првпат од 1940 година.

– Италија веќе имаше тензии, особено со Европската унија, кога беше на власт Берлускони, но не толку со некоја друга земја, вели Лудмила Аконе, историчар експерт за Италија.

– Новата влада на Конте сега е во прилог на ЕУ. Посетата на Макрон е исто така дел од оваа промена во претставувањето на Италија на европско ниво, со доаѓањето на Давид Сасоли на чело на Европскиот парламент, и Паоло Џентилони во економските работи на Комисијата, двајца членови на Демократската партија (центар на левицата) која е на власт во Италија, вели таа.

Емануел Макрон ќе разговара со својот италијански колега за претстојните европски средби, ситуацијата во Либија и билатералните економски односи. Но, најжешка тема останува онаа за мигрантите, главниот спор меѓу Париз и Рим во последните месеци, како и прифаќањето на бродовите со бегалци и мигранти.

Новата влада веќе ги отвори италијанските пристаништа за спасување на бродовите, оставајќи 82 мигранта да слезат на Лампедуза во саботата. Париз изрази оптимизам велејќи дека е „уверен“ оти може „да најде заеднички решенија во наредните недели со Италија“. Но, приоритет останува да се донесе „одржливо и стабилно решение“ меѓу европските земји, особено за распределбата на мигрантите кои пристигнуваат во Италија или Малта.