По Турција, и Шпанија и Шкотска се изборија за ЕУРО 2024

Во неделата уште три фудбалски репрезентации обезбедија пласман на Еевропското првенство во 2024-та што ќе се одржи во Германија.

Со победата на домашен терен против Летонија во Коња од 4:0 (0:0), Турција обезбеди едно од првите две места во групата Д , додека Шпанија со победата од 1:0 (0:0) на гостувањето кај Норвешка во Осло, ги разреши сите недоумици во групата А, од која Шпанија и Шкотска го обезбедија патот до ЕУРО.

Турција долго време го кршеше отпорот на Летонија, но по голот на Акгун во 58. ѝ беше многу полесно. Во самата завршница Тосун во 83. и 90+2. и Актуркоглу во 87. ги поставија конечните 4:0.

Турција со 16 бодови обезбеди едно од првите две места во групата, пред Велс кој вечерва дома со 2:1 ја совлада Хрватска кои имаат по 10 бодови. По нив следуваат Ерменија со седум и Летонија со три бода.

Стрелец на единствениот гол на натпреварот во Осло беше младиот Гави во 49. Со овие три бода Шпанија стигна до 15 бода, исто колку и Шкотска, додека Норвешка на која и остана само уште еден натпревар во квалификациите остана трета со 10 бода.

Сега се познати седум учесници на ЕУРО, заедно со домаќинот Германија, Франција, Белгија и Португалија кои се пласираа на ЕВРО во петокот.

Големо изненадување се случи во Варшава каде фаворизираната Полска не успеа да ја совлада Молдавија во натпреварот од групата Е, натпреварот заврши со резултат 1:1 (0:1). Николаеску во 26. ги доведе гостите во водство, а израмни Свидерски во 53.

Претходно во истата група Чешка во Пилсен ги совлада Фарските Острови со минимални 1:0, па Албанија и натаму е на чело во групата со 13 бодови, Чешка е втора со 11, Полска е трета со 10, а Молдавија е четврта со девет. Сепак, Албанците, Чесите и Молдавците треба да одиграат уште по два натпревара, а Полјаците еден.

Романија се искачи на врвот во групата I со сигурната победа на домашен терен против Андора од 4:0 (3:0), постигната со головите на Станчиу (23), Хаги (28), Марин (44-11 м.) и Коман (50). Романија сега има 16 бода, еден натпревар повеќе од второпласираната Швајцарија, која претходно во неделата ремизираше дома со Белорусија 3:3, додека Израел е трет со 11 бода и два меча помалку.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.