По железничката несреќа во Грција намалена разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА

Разликата меѓу грчките партии Нова демократија и СИРИЗА е намалена на 4,6 отсто од 7,4 проценти на претходната анкета, според резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за грчката телевизија „Антена“, прво истражување во Грција по железничката несреќа со 57 загинати.

Владејачката партија добива 29,6 отсто, опозициската СИРИЗА 25 проценти, а на третата позиција е ПАСОК.

На прашањето на што се должи железничката несреќа, 87 проценти од анкетираните сметаат дека постојат и други одговорности што треба да се истражат, а 12,1 отсто одговориле дека станува збор за грешка на шефот на станицата.

Во однос на тоа што им предизвикува загриженост на граѓаните, 86 проценти одговориле дека тоа е железничката несреќа.

Истражувањето било спроведено од 4 до 7 март 2023 година, односно три дена по несреќата, а било анкетирано 1.241 лице.