Побарана екстрадиција за Демири и Исмаиловиќ, од Косово нема одговор

Македонското министерство за правда во август годинава почнало постапка за екстрадиција на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, првообвинетите во случајот „Монструм”, но од Косово немаа никаков одговор, информираа од Кривичниот суд Скопје.

На денешното рочиште, на кое вештак од МВР потврди дека во автомобилот „опел омега“ бил пронајден ДНК од Демири, информацијата ја потврди судијата Огнен Ставрев.

Обвинителката Фатиме Фетаи за време на судењето побара од судот да одговори до каде е постапката за екстрадицијата на обвинетите Демири и Исмаиловиќ, а судијата одговори дека има добиено допис од Министерството за правда, и побара обвинителството да го прочита. Во одговорот од Министерството за правда се вели дека е побарана екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, но оти сѐ уште уште нема одговор. Тамошните власти првично го одбија барањето за екстрадиција тврдејќи дека не биле доставени доволно докази што укажуваат на нивна вмешаност во случајот.

Исмаиловиќ и Демири се наоѓаат во Косово. МВР во мај 2012 година распиша потерница по нив. Двајцата во Косово беа осудени на затворски казни за трговија со оружје и откако ја одлежаа казната беа пуштени да се бранат од слобода.

На претходните рочишта останатите обвинети во „Монструм” во своите искази пред судот рекоа дека преку вибер контактирале со двајцата бегалци.